Руските сили синоќа извршиле голем напад врз Украина, главно во западните региони, со дронови камикази и ракети, а по нападот избувна пожар во индустриски објект во регионот Киев, пренесуваат украинските медиуми.
Руските сили лансираа вкупно 53 нападни дронови Шахед-131/136, од кои 48 беа соборени, соопшти на Телеграм командантот на воздухопловните сили на вооружените сили на Украина, генерал-полковник Микола Олешчук.
Според него, лансирани биле пет крстосувачки ракети, од кои сите се елиминирани.
Тој рече дека воздушните цели што ги лансирала руската армија биле уништени над регионите Киев, Хмељнички, Харков, Кироворад, Херсон, Одеса, Николаев, Запорожје и Дњепропетровск. Неколку експлозии одекнале во Хмељничката област.
Во регионот на Киев, предупредувањето за воздушен напад траело четири часа, а според локалните власти, како последица на нападот избувнал пожар во индустриска зграда. Нема извештаи за повредени.