Македонскиот игран филм „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец вечер во Битола, на големото платно ќе го означи крајот на годинешниот ИФФК „Браќа Манаки“
Учеството на фестивалот на кинематограферите за кинематограферот Владимир Самоиловски е значајно, а снимањето на филмот предизвик, истакна на прес конференција во Битола, Владимир Самоиловски.
Драго ми е што младата генерација сака да соработува со мене како кинематографер и тоа ми претставува голема сатисфакција. Од младите научив за прецизност и брзина на работа за што во овој филм ми помогна Димитар Оровчанец, режисерот на филмот. А, за тоа што сум кинематографер, најголемата среќа е што мојот татко беше снимател кого го гледав како работи. Се сеќавам, за време на земјотресот во 1963 година кога имав само 10 години, јас му асистирав на мојот татко да ги сними рушевините на Скопје. Поминаа времиња….многу одамна снимав филм и со два режисери, а најновиот филм со Оровчанец за мене беше нов предизвик и драго ми е што успеавме бидејќи има многу, многу сцени што ги снимавме, истакна Самоиловски.
„Убиј ги прво децата“ е комична приказна за тинејџерка балерина. Филмот е за млади, но само за младите, беше речено во фестивалскиот прес центар.
Сценариото за филмот беше напишано многу брзо, а конкурирањето траеше долги години. Процесот потоа се одвиваше динамично, знаев што сакам од овој филм и тоа го постигнавме во комуникација со сите учесници, односно актерите и продуцентите, посочи режисерот Димитар Оровчанец.
На прес конференција во Битола импресиите од учеството во филмот ги споделија актерките, актерите и продуцентите во „Убиј ги прво децата“.
Во продолжение се одржаа прес конференции со кинематограферите Гиорги Швелидзе, за грузискиот филм „Лото“, прикажан во рамките на европската Lo-cap програма, Клер Пиџман, кинематографер на филмот „Портата“ од документарната програма и Душан Кардалевски, кинематографер на филмот „Амра“, кој во рамките на кратката програма ќе биде прикажан денес.