Со филмот „Wonder Wheel“ Вуди Ален се врати во родниот град

По долги години талкање по светот американскиот режисер Вуди Ален, кој на 1-ви декември наполни 82 години, со љубовната драма „Wonder Wheel“ се врати во родниот град Њујорк, сместувајќи го дејствието на филмот во популарниот забавен парк Кони Ајленд во педесеттите години од минатиот век.

Филмот го продуцираше студиото „Amazon“, а премиерата, којашто првично беше закажана за половината на октомври, беше одложена во последен момент поради скандалот кој избувна по објавувањето за сексуалните злоставување на многу жени од страна на познатиот и влијателен холивудски продуцент Харви Вајнстајн.

На четирикратниот оскаровец со вистинско име Ален Стјуард Конигсберг ова му е 47-ми долгометражен филм. Свечената премиера беше одржана на 15-ти ноември во њујоршката галерија MoMa, а од 1-ви декември започна да се прикажува во американските кино-сали.

Главните улоги ги толкуваа Кејт Винслет, Џим Белуши, Џастин Тимберлејк и Џуно Темпл, и сите првпат соработуваат со големиот режисер.

Фабулата на филмот се врти околку четирите лица чиишто животи се испреплетуваат во популарниот забавен парк Кони Ајленд. На оваа популарна плажа во њујоршки Бруклин, Вуди Ален пред четириесет години ја сними првата сцена од култниот филм „Ени Хол“.

Следната година славниот синеаст своите обожаватели ќе ги израдува со новиот филм „Дождлив ден во Њујорк“ кој е веќе влезен во постпродукција, а во кој меѓу другите играат и Џуд Ло, Селена Гомес и Лијев Шрајбер.

Во изминатите четири децении, овој единствен автор ја одбележи историјата на филмот снимајќи по еден филм годишно. Вкупно досега дваесетина пати беше номиниран за Оскар, а освои четири од најпрестижните признанија во филмскиот свет.

Вуди Ален влезе во историјата на филмот, првенствено како своевиден хроничар на Њујорк. Но неговиот комплициран однос со филмските продуценти на крајот го доведе режисерот во Европа, каде што самиот процес на снимање и создавање филм е далеку поевтин отколку во САД.

Неговата европска филмска авантура му донесе и нова професионална среќа, по низата претходни неуспеси во САД, неговите рецентни филмови му донесоа серија номинации на американската Академија на филмските уметности и науки, кулминирајќи со четвртиот Оскар кој го доби за неговиот филм „Полноќ во Париз”.

Во 2012 година Ален во Рим го сними „To Rome With Love” (На Рим со љубов), а во Италија снимаше и во 1996 година во Венеција каде беше снимен дел од неговата музичка комедија „Сите велат – те сакам” (Everyone Says I Love You). Претходната 2011 година во француската престолнина Париз го сними „Полноќ во Париз” (Midnight in Paris), во кој во една од споредните улоги се јавува и поранешната прва дама на Франција, Карла Бруни-Саркози. Овој филм му донесе Оскар за сценарио и номинација за најдобар филм. Во Лондон, Ален ги сними во 2005 гофина „Match Point”, „Сензација” (Scoop, 2006) и „Сонот на Касандра” (Cassandra’s Dream, 2007) со кој дебитираше на филмскиот фестивал во Венеција. Шпанија во 2008 година беше сценографија за „Вики, Кристина, Барселона” (Vicky Cristina Barcelona).