Со фламенко балетот „Луксурија“ од Шпанија вечер на сцената на Антички театар, „Охридско лето“ ќе го прослави 62. Фестивалско издание.
Дел од танчерите денеска на прес-конференција ветија шоу, кое гарантира дека ќе ја остави публиката без зборови и ќе остане долго во сеќавањата на гледачите.
– Тоа што ќе може да се види вечер во Охрид е класично фламинго, но со модерни примеси, истакна главниот танчер Давид Гутјерез.
Танчерката Паула Рејес изрази задоволство што прв пат ќе настапува пред публика во Македонија.
– Првпат сум во Македонија. Значајно е бидејќи настапуваме пред нова публика на ново место, рече Рејес.
И двајцата се воодушевени од Охрид, особено, според нив, од пријатната клима, бидејќи Шпанија во моментот се соочувала со топлотен бран.
Вечер за уживање со фламенко балетот вети и шпанскиот амбасадор во земјава, Хосе Луис Лозано Гарсија.
– „Охридско лето“ е најпрестижниот и меѓународен фестивал во Република Северна Македонија. Основан во 1961 година, низ кој продефилираа реномирани уметници од целиот свет. Амбасадата на Шпанија во Скопје со години соработува со цел да ги претстави шпанските музички уметници на овој престижен Фестивал и во неспоредливиот амбиент на Охрид, средина класифицирана од УНЕСКО, како заедничко наследство на човештвото, рече Гарсија.
Директорката на „Охридско лето“ Наташа Попоска на роденденската прес-конференција посочи дека 62 успешни Фестивалски години ќе бидат прославени со една од најспектакуларните фламенко продукции во светот.
– По 62-ри пат низ фестивалските вечери одекнува гласот на уметноста ширум целиот свет. Над 1.000 уметници, актери, театарски работници, солисти, хористи, музичари ја вознесуваат убавината на уметноста и создаваат магија во која уживаат бројни љубители на уметноста. За повеќето настани се бара и карта повеќе што за нас значи потврда дека сме на вистинскиот пат. Остануваме посветени и доследни на она што го трасирале генерации пред нас, на нивните напори „Охридско лето“ да биде најголемо, највредно и најзначајно, рече Попоска.
Според директорката, звуците на класичната музика во црквата „Света Софија“, грандиозните дела на неповторливиот Антички театар и квалитетните и атрактивни театарски претстави се само доказ дека тука, во древниот Охрид, повеќе од половина век се негува музичката и театарска совршеност.
На половина од годинашното фестивалско издание, селекторката на музичката програма Бисера Чадлоска оцени дека имале успешни концерти со прекрасни уметници од целиот свет, но и од нашата држава.
– Се радуваме на нивните успеси и на преполните сали каде што се изведуват нашите концерти. Се радувам кога се случуваат вакви успешни фестивалски денови и сметам дека овој Фестивал е мнмогу значаен за нашата држава, како културна традиција, која се надевам дека ќе продолжи со ист ваков успех и интензитет, нагласи Чадлоска.
Благодарение на „Охридско лето“, според селекторката на драмската програма Сања Арсовска, Охрид изминативе дваесетина дена бил пристаниште на најдоброто дома, на квалитетни театарски претстави, на микс на драмски стилови и сценски јазици, наративи со коишто покажавме дека тетарската уметност дише, дише значајно, силно и здраво.
– Во останатите денови ни остануваат уште четири театарски доживувања кои ќе се закотват на нашето театарско пристаниште. На „Охридско лето“ му посакувам да продлжи да сјае најсветло помеѓу меѓународните фестивали од ваков тип, додаде Арсовска.