Американското Федерално биро за истраги (FBI) објави во петокот дека се координира со властите во градот Далас во сојузната држава Тексас во врска со инцидентот со компјутерскиот вирус кој оваа седмица го наруши работењето на неколку јавни служби, ги затвори судовите и ги онеспособи веб-страниците на итните служби.
„Бирото (FBI)е запознаено со инцидентот и се координира со градот Далас. Бидејќи случајот е во тек, во овој момент не можеме да обезбедиме дополнителни информации“, се вели во соопштението на американската агенција за спроведување на законот.
Градските власти на Далас соопштија дека судовите биле затворени во средата и четвртокот. Иако во изјавите се наведува дека итните служби за жителите не биле погодени, насловните веб-страници на полицијата и противпожарната служба во петокот не беа достапни, а полицискиот портпарол изјави дека е погоден градскиот диспечерски систем со компјутерска поддршка.
Наводната операција за откупнина во врска со хакирањето во Далас се нарекува „Royal“, според двајца безбедносни истражители запознаени со инцидентот, наведува Reuters.
Американските функционери ја поврзуваат оваа операција на хакирање со групата кибернетички криминалци Conti, за којашто, пак, без никакви докази се тврди дека дејствува надвор од Русија а наводно одржува врски со руските разузнавачки служби.