Mерката за воведување задолжително социјално осигурување за лицата коишто имаат приход по основ на авторски договор и договор за дело ќе има позитивен ефект за сите оние лица коишто не ги исполнуваат условите за старосна пензија односно немаат 15 години работен стаж, посочи денеска Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов
„Овие лица имаат можност преку авторски договор или договор за дело да си ги докупат на некој начин или да си ги одработат тие години кои што им недостасуваат за стекнување на услови за старосна пензија. На пример, доколку им фали една година, доколку бидат ангажирани со авторски договор или договор со дело во период од една година, ќе може потоа да остварат и право на старосна пензија што е уште еден позитивен аспект од реализацијата на оваа мерка“, истакна Спасов.
Тој појасни дека сите избрани и именувани лица односно носители на јавни функции којшто ќе остварат дополнителен приход, по основ на авторски договор или договор за дело исто така подлежат на задолжително плаќање на социјални придонеси за сумата којашто ја оствариле, што значи дека и избраните лица, односно функционерите се опфатени со мерката воведување во задолжително социјално осигурување на приходите стекнати по основ на авторски договор и договор за дело.