Европската унија тројно го зголеми извозот на користена облека од почетокот на векот, што дополнително го влоши проблемот со акумулацијата на отпадот во земјите во развој, предупреди во понеделникот Европската агенција за животна средина (ЕЕА).
Европа има ограничен капацитет за повторна употреба и рециклирање, така што голем дел од фрлената и донирана облека се извезува во Африка и Азија, истакнува агенцијата во извештајот објавен во понеделникот.
„Постои врежано мислење кај јавноста дека донациите на користена облека се секогаш добредојдени во овие региони, но фактите кажуваат друга приказна“, предупредуваат експертите за животна средина во извештајот.
„Иднината на извезениот искористен текстил е често неизвесна“, додаваат тие.
Во 2000 година ЕУ извезла околу 550.000 тони текстил, според податоците од извештајот. Во 2019 година извозот достигнал речиси 1,7 милиони тони, што одговара на 3,8 килограми по жител.
„Текстилот првенствено се реупотребува поради побарувачката на евтина, користена облека од Европа. Она што не е погодно за повторна употреба најчесто завршува на отворени депонии и неофицијални текови на отпад“, објави агенцијата.
Во 2019 година, ЕУ извезла 41 отсто од искористениот текстил во Азија, каде што бил сортиран и преработен во централните точки. Поголемиот дел од него се користел во индустријата или бил испратен во други азиски земји за рециклирање и во Африка каде што бил повторно пуштен во употреба.
Речиси половина од искористениот текстил завршил во африканските земји, откри ЕЕА.