Владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски, која престојува во посета на Јапонија, денеска оствари средба со раководството на Јапонската агенција за меѓународна соработка (ЈИЦА) која е најголем донатор на проекти во Македонија.
На средбата на која присуствуваше и потпретседателот на агенцијата Хидеаки Домичи позитивно се оценети досегашните проекти, меѓу кои позначајни се проектот за изградба на хидросистемот „Злетовица“ со кој се обезбедува вода за пиење за повеќе од 100.000 граѓани, како и проектите преку кои се модернизира македонското јавно здравство со обезбедување на медицинска опрема за дел од клиниките.
Премиерот Груевски истакна дека Македонија високо ја цени улогата на Јапонија како најголем странски донатор, што во изминатиот период имало голем придонес во развојот на државата.
Разговарано е за повеќе теми од заеднички интерес во насока на продолжување на соработката во иднина. Станало збор за можностите за соработка во поглед на финансирање на проекти за заштита на животната средина, развој на инфраструктурата, системи за рано предупредување од природни непогоди, едукација на лица за реализација на проекти и научно-техничка специјализација на експерти од нашата земја во Јапонија.
Посебен акцент е ставен на реализацијата на проектот за довршувањето на колекторскиот систем на Охридското Езеро, за што од двете страни е изразена подготвеност за партиципација и продолжување со оперативните работи и процедури.
„ Разговаравме за соработка во областа на животната средина и производи и услуги од повисоката технологија, размена на искуства и тренинг на македонски менаџери. Добиваме уверување дека ќе не поддржат во еден од најзначајните проекти за довршување на колекторскиот систем на Охридското Езеро. Обезбедивме поддршка во делот на финансирање на физибилити студија по која ќе следи и главен проект и градба, така што значајно за нас е што ЈИЦА останува значаен партнер на Република Македонија“, изјави вицепремиерот Зоран Ставрески по средбата.
Според потпретседателот на ЈИЦА, Охридското Езеро е место каде престојуваат многу туристи, а колекторскиот систем е проект на кој му е потребно внимание.
„Тоа е една област за која разговаравме со премиерот како тема за идна соработка. Разговаравме и за стипендии и развивање на дипломатската соработка. Веруваме дека ЈИЦА е предводник во заштитата на животната средина и во соработката меѓу двете нации“, истакна Домичи.
На средбата е разговарано и за процедурите за склучување акти и документи за соработка со кои би се олеснила, интензивирала и зајакнала соработката во рамки на билатералната соработка.
Истакната е потребата од фокусирање на развојот на односите на економската соработка, јакнење на трговската размена и иницирање и зголемување на јапонските инвестиции во Република Македонија.