Со концерт на младите уметници започна празнувањето на Кирил и Методиј во Рим

Со концерт на младите и талентирани уметници – Гоце Златев на пијано и Магдалена Дрмач на виолончело – ученици од трета година во Музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, во  салата Балдини, вчера во Рим започна културната програма во рамки на  традиционалната манифестација „Македонија во чест на Свети Кирил“.

На концертот на кој присуствуваа и членовите на македонско-црковната делегација предводена од претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, публиката Златев и Дрмач,  исполнија композици од Шопен и Брамс.

Публиката во салата препознавајќи го талентот и одличната изведба на Златев и Дрмач, со  долг аплауз ги награди младите уметници.

Пред концертот, за мисијата и значењето на делото на светите браќа Кирил и Методиј,  говореше директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, д-р Елена Јованова-Грујовска.

Во своето обраќање Јованова-Грујовска истакна дека Кирил и Методиј се сестрани просветители, мисионери, духовни отци и чудотворци што дванаесет века се меѓу народот и дека тие нѐ научија на себепочитување, но и на прифаќање на различностите и респектирање на правата на сите.

„Се поклонуваме пред делото на светите Кирил и Методиј, рамноапостолите што во далечниот IX век со труд и дело им се спротиставиле на тријазичниците и го издигнале (старо)словенскиот јазик на ниво на богослужбен јазик (заедно со хебрејскиот, грчкиот и латинскиот). Со тоа, словенскиот јазик го зазел местото меѓу библиските јазици уште во IX век. Светите браќа Кирил и Методиј му ја подарија на народот глаголицата, како писмо засновано на говорите од македонското словенско население од околината на градот Солун, кое е четвртото благословено писмо за читање на Библијата и светите христијански книги. Во македонската средина, особено во Охридската книжевна школа, глаголицата се штити и се користи во ракописните текстови долго време, пред прифаќањето на кирилицата“, истакна Јованова-Грујовска.

Присутните ги поздрави и амбасадорката во Светата столица, Марија Ефремова.

Во рамки на манифестацијата делегацијата на Република Северна Македонија утре ќе присуствува на молебен во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, каде што ќе положи венец на гробот на Свети Кирил, а потоа ќе ја разгледа изложбата на македонскиот уметник Решат Амети, која е поставена во Амбасадата на РСМ во Светата Столица.

Според агендата, државно-црковната делегација ќе присуствува на аудиенција кај папата Франциск во Ватикан, а ќе положи и цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на Свети Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре“.