Плановите за штедење на „Volkswagen“ за зајакнување на неговата финансиска позиција предизвикана од кризата ќе бидат еквивалентни на намалување на производствениот капацитет на неколку фабрики во наредните години, рече извршниот директор Оливер Блуме.
„Немаше начин да се заобиколи прилагодувањето на капацитетот“, вели Блуме за неделниот Frankfurter Allgemeine Zeitung.
„Решението коешто сега е договорено, заедно со намалувањето на капацитетот на различни локации, е еквивалентно на обемот на производство на две до три големи погона“, додава Блуме.
Концернот „Volkswagen“ има десет фабрики во Германија.
По неколкунеделни исцрпувачки преговори за платите и безбедноста на работните места, синдикатот IG Metall и менаџментот на „Volkswagen“ успеаја да постигнат каков-таков договор во петокот. Со него е избегнато затворањето на фабриките на „Volkswagen“ во Германија и непосредната закана од масовни отпуштања. Но, најголемиот европски производител на автомобили сè уште планира да укине 35.000 работни места во наредните години и да произведува 700.000 автомобили помалку годишно.
Блуме вели дека ја обврзува својата компанија на долгорочна стратегија за штедење, но тој исто така сака и владата да го направи својот дел од работата.
„На Германија ѝ треба нов почеток – да се симне од работ и да се врати на автопатот“, рече тој во интервју за весникот.
„Она што е важно, се, на пример, пониските даноци, отстранување на бирократските пречки, прифатлива енергија и безбедност кога станува збор за сигруноста за финансирање“, посочи тој.