Во Албанија нема бугарско малцинство. Бугарија ја смета за бугарска македонската заедница во Албанија, како и во другите балкански земји, а тоа е поврзано со политиката на Софија кон Скопје – изјави во интервју за албанската телевизија „Еуроњуз Албанија” лидерот на партијата на Македонците во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ Васил Стерјовски.
– Сета оваа е поврзано со политиката и односот на бугарската држава, што таа го има воопшто со македонската нација и со Македонија, но и секаде каде што има македонско малцинство во другите балкански земји, Бугарија тврди дека тие се Бугари. Бугарија ја прошири својата пропаганда и во областите каде што живее македонското малцинство во Албанија, во областа Гора, Преспа и Голо Брдо – вели Стерјовски.
Тој рече дека, искористувајќи го членството во Европската Унија, Бугарија ѝ се заканувала со вето на Албанија да признае непостоечко малцинство.
– Искористувајќи го членството во Европската Унија, Бугарија изврши притисок врз Албанија и така беше признато во 2017 година непостоечко бугарско малцинство, кога не се исполнуваше ниту еден критериум за признаено на вакво малцинство затоа што од сите пописи направени во Албанија од создавањето на албанската држава до денес нема ниту едно лице кое се изјаснило за Бугарин. Исто така, во сите извештаи што Албанија ги прави за меѓународните организации кои ги следат правата на малцинствата, во ниту еден од овие извештаи не стои дека албанската држава изјавила дека има бугарско малцинство. Токму под притисокот на Бугарија во 2017 година и заканата со вето на членството на Албанија во ЕУ беше признаено непостоечко бугарско малцинство – посочува тој.
Стерјовски вели македонското малцинство во Албанија се чувствува загрозено, а однесувањето на Бугарија е „мешање во внатрешните работи на Албанија, од каде пак нема никаква реакција”.
– Македонското малцинство се чувствува загрозено. За жал, немаме одговор од албанската држава за сета оваа бугарска пропаганда што се одвива во областите каде што живее македонското малцинство. За нас, активноста на Бугарија, која со методите на 19 век се обидува да го асимилира македонското малцинство во Албанија, е мешање во внатрешните работи на Албанија. Како пратеник во Парламентот на Албанија, многупати сум ја искажал оваа загриженост, особено работата на бугарската амбасада и сите активности што ги спроведува за асимилација на македонското малцинство во Албанија. Побарав реакција од албанските институции, но, за жал, за Албанија приоритет беше отворањето на преговорите за членство во ЕУ и не сакаше да има проблеми со Бугарија, па ја остави слободно да се шири оваа бугарска пропаганда и за жал, имаме грубо мешање во внатрешните работи на Албанија за асимилација на македонското малцинство – посочува Стерјовски во интервјуто за „Еуроњуз Албанија”.