Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Србија, следејќи ги методите на рускиот претседател Владимир Путин, претставува опасност не само за Косово и регионот туку и за граѓаните на Србија, пренесува Радио Слободна Европа.
Тоа е неговата реакција на апсењето двајца косовски државјани од српските власти, кои ги обвиниле за воени злосторства извршени врз Србите.
На седница на влада Курти ја обвини Србија и за „неправедно, намерно и злонамерно апсење косовски граѓани и малтретирање на сопствените граѓани“.
„Србија не е опасност само за нашите граѓани, нашата безбедност, регионалната стабилност на Балканот, таа неодамна докажа дека е опасност и за нејзините граѓани, кои се подготвени да се извинат за српскиот геноцид во Косово. Србија продолжува по патот на методите на Владимир Путин, од заплашување до нехумано мачење на политичките противници“, рече Курти.
Тој ја обвини Србија дека не го почитува договорот во рамките на дијалогот за нормализација на односите, што двете страни го прифатија на крајот на февруари минатата година.
„Во првиот член од договорот се вели дека страните, односно Косово и Србија, меѓусебно ќе развиваат добрососедски односи засновани на еднакви права. Србија, сепак, избира сѐ што е над развојот на добри односи со нас, всушност избира напади врз Косово, како што направи на 24 септември 2023 година во Бањска, а потоа ги заштити сторителите на ова злосторство, предводени од Милан Радоичиќ“, рече Курти.