Со нов закон Грција воведува ред на плажите за нелегално поставените лежалки и маси

По ланското движење на граѓани за слободни плажи и против нелегално поставените лежалки и чадори од баровите, кое од островот Парос се прошири и во други делови на Грција, сега, грчката Влада изгласа нов закон, а премиерот Кирјакос Мицотакис најави дека ќе се стави ред на плажите, јави дописничката на МИА од Атина.

Преку видео објавено на Тик Ток, Мицотакис детално и практично објаснува што предвидува и што не предвидува новиот закон што веќе доби зелено светло од Парламентот.

-За она што го гледавме, одиш на организирана плажа и е преполна со лежалки, сега обезбедуваме дека 70 отсто од површината на плажата треба да биде слободна и ќе треба да постои минимално растојание од четири метри од морето до првиот ред лежалки, за да го немаме повеќе она кога лежалките всушност се во вода, рече Мицотакис.

Објасни дека за плажите што се во заштитените области Натура, наместо 70, ќе треба да биде слободна 85 отсто од површината, односно лежалки и чадори ќе биде дозволено да бидат поставени на само 15 отсто од плажата.

Дополнително, како што рече, за првпат се воведуваат и т.н. „негазени плажи“ со посебна еколошка вредност каде не се дозволени лежалки или воопшто каква било експлоатација.

За да се добие лиценца за користење на плажа, задолжително ќе биде учеството на електронска лицитација, а по добивањето, концесионерот ќе биде обврзан да ја чисти плажата, да обезбеди пристап за лица со инвалидитети и да постои спасувач.

-Изгласавме нов закон кој става ред на нашите плажи и во суштина прави три работи: обезбедуваме слободен пристап на сите плажи за сите, користиме нови технологии како за тендерите за плажите, така и за контролите и воведуваме построи казни за оние кои го прекршуваат законот, рече грчкиот премиер.

Во однос на спроведувањето на законот, истакна дека ќе има многу поинтензивни контроли и построги казни за прекршувачите.

– Прво, многу повеќе контроли и употреба на технологијата. Ако видите некој дрон да лета над плажа може да е во рамките на контролите што ќе ги спроведуваме. Второ, вие самите ќе ни помогнете да го спроведеме законот. Како? Преку специјална апликација на која јасно ќе се гледа на кое место од плажата и на колкав дел ќе може да се постават чадори и лежалки. А ако концесионерот, на кој било начин го прекршил законот, да ни го пријавите тоа. Да ни кажете и ние ќе спроведеме контроли. И на крај, зголемување на казните. Доста високо за да знаат сите дека ќе постојат, не само строги екномски последици, туку дури и затворање на бизнисот што ќе го прекрши законот, порача грчкиот премиер.

Посочи дека законот не се однесува на урбанистичко планирање и условите за градба, а задолжителното растојанието од 50 метри од крајбрежјето за градење не се менува.

-Засега толку и чекаме да дојде летото за да уживаме во многу послободните наши плажи, рече Мицотакис на крајот од видеото на Тик Ток, кое како и секогаш кога објавува на конкретната социјална мрежа е во поопуштена атмосфера и со поопуштен тон.

Лани, во текот на летото, поголема група граѓани, жители на грчкиот остров Парос, Грци, но и странци, го кренаа својот глас против нелегално „окупираните“ плажи со лежалки и чадори од баровите, надвор од законски одредениот простор со концесиите, одржаа низа протести на плажите, нешто што веројатно се случи прв пат во земјата, а еден од членовите на Движењето за слободни плажи, тогаш, за МИА рече дека нивното барање е едноставно: да се спроведе законот.

Движењето на граѓани од островот Парос кои бараат слободни плажи, веќе извесен период е главна тема во Грција, од Кикладскиот остров иницијативата веќе почнува да се шири и во други делови на

Движењето на граѓани за слободни плажи од Парос, поттикна граѓани низ цела Грција да организираат идентични активности за да побараат спроведување на законот што се однесува на доделените концесии за бич баровите на плажите.