Со нови луѓе во политиката Македонија ќе се трансформира во современа држава, вели Димитриевски

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и кандидат за Претседател на државата Максим Димитриевски беше гостин во емисијата „Аргумент Плус“ на 24 Вести.

На констатацијата дека е единствениот кандидат за претседател на државата против кого има кривична пријава, Димитриевски рече дека не станува збор за кривична пријава, туку за обвинителен предлог и дополни:

„За мене не е првпат. Многупати сум се соочил со вакви лажни неосновани обвинувања. Сите биле монтирани и креирани политички. Мислеа дека со тоа ќе ме оневозможат да можам да извадам потврда за да ја спречат мојата кандидатура. За жал нема да успеат, а обвинителството е на потег, бидејќи таму има профеионалци и ќе треба да се произнесат. Обвинението не е за некои градежни дозволи. Станува збор за постапка за издавање на градежна дозвола со која што штитам јавен интерес на гимназија „Гоце Делчев“ Куманово и Детскиот диспанзер- школска амбуланта, јас сум должен и ќе го штитам јавниот интерес“.

Додаде дека влегоа многу луѓе во системот кои пристрасно постапуваат и енормно се збогатуваат.

„Кога ќе дојде времето да биде променета власта и да дојдат на вистинско место вистински луѓе на кои интегритетот, моралот и каракатерот им е на прво место, тогаш ќе создадеме реален систем и она што сите го бараат – правна држава. Јас ако бидам избран за претседател, ќе дадам апсолутна поддршка на таквиот процес и таквите суштински реформи. Еднаш во Македонија мора да се знае кој тоа седи на позиција и носи одговорни функции и едноставно, казнивост мора да има за сите. Пристрасноста мора да се елиминира. Мора да имаме непристрасни луѓе во системот и дополнително нови луѓе во политиката без било какви опашки, ќе може да дадат придонес Македонија да се трансформира во современа држава со сите атрибути“, рече тој.

Македонскиот политички фактор, според него, не смее во ниту еден момент да дозволи да биде уценуван од никого, во спротивно ќе гледаме само една реприза од она што се случува последните шест години, каде СДСМ се распадна и распука по сите шавови, служејќи му како привезок на ДУИ, кој е на власт повеќе од 20 години.