По примерот на многу европски земји, Фондот за здравствено осигурување излезе во пресрет на лицата со ретки болести преку проширување и воведување на нова група на нутритивни продукти на товар на Фондот.
„Овозможивме нутритивни продукти за лица со ретки болести , а тоа се посебни видови на брашно, млеко и масло за јадење кои што претставуваа основна исхрана и лек за овие лица.Оваа вулнерабилна група на граѓани во својата исхрана не може да вклучи продукти кои содржат одредени протеини и масла, а без тоа, сериозно да не го нарушат сопственото здравје. Комликациите кои произлегуваат од внесување на несоодветна исхрана покрај влошување на здравјето на лицата, доведува до зголемени трошоци на Фондот и општеството,“ информираат од Фондот.
Од 1 август правото на безпротеинско брашно и безпротеинско млеко ќе го добијат сите лица со заболување на метаболизмот на аминокиселини и метаболизмот на масни киселини.
Овие новини значат голема заштеда на овие лица и нивните фамилии затоа што се изложени на месечен трошок од 4.000 до 35.000 денари за храна. Односно 4.000 денари за безглутенското брашно, 20.000 денари месечно за безпротеинското брашно и млеко, околу 10.000 денари за Хипоалергена формула на млеко со 55-80% на средноланчани триглицериди и 3.000 денари за СЛТ маслото.
Хронолошки гледано, за лицата со ретки болести кои користат исхрана како лек во своето секојдневие ФЗОМ започна со воведување на определени продукти уште во 2007 година кога за прв пат на Позитивната листа на лекови на рецепт се воведува безглутенското брашно и млеко за лицата со дијагностицирана целијакија (алергија на глутен). Во изминатиот период од страна на Фондот за здравствено осигурување се евидентирани 247 лица со дијагностицирана целијакија кои се хронични корисници на продуктот без глутен (брашно и млеко).
Сите досегашни измени кои ги воведе Фондот се однесуваат на околу 300 осигуреници со вакви заболувања. Фзом се надева дека со оваа своја заложба ќе им го олесни секојдневниот финансиски терет на фамилиите на овие лица кои имаат ретки болести и понатаму доколку се појавува потреба ќе го проширува ова право.