Со новиот систем и календар на натпреварувања на ФИБА, кој ќе стартува од 2017 година, се отвора повеќе простор за националните селекции од Европа за настап на Светски Првенства и Олимписки Игри, пренесува спортскиот портал Екипа.
Од Ноември 2017, започнуваат квалификации за настап на Светско првенств, во систем кој е сличен на оние што се актуелни во фудбалот и ракометот, а кои отвораат можност за поголем број европски нации да настапат на најголемите интерконтинентални натпреварувања. Досега, пласман на СП обезбедуваа само првопласираните седум селекции од Европските првенства, без играње на квалификации за овие големи натпреварувања.
Согласно новите промени, за да игра за пласман на СП 2019, Македонија треба да избори настап на ЕП 2017 (24 селекции), или во најлош случај да биде меѓу останатите најдобри 8 селекции во пласманот на квалификациите, кои не се пласирале на ЕП 2017.
Понатаму, во првата фаза, Македонија треба да биде меѓу трите првопласирани во групата од 4 екипи, за да се пласира за втората фаза. А во втората фаза во групата од 6 селекции од Европа, Македонија ќе треба да освои едно од првите три места во конечниот пласман во групата.
Новина во календарот е што квалификациите за СП ќе се играат и во текот на целата година, а не само во лето како досега. Таканаречените квалификациски „прозори” за пласман на СП 2019 година, ќе се играат во ноември 2017, февруари 2018, јуни 2018, ноември 2018, февруари 2019 и јуни 2019. Светското Првенство 2019 година ќе се одржи во Септември.
Во квалификациите ќе учествуваат 32 најдобри европски селекции, кои ќе ја сочинуваат А дивизијата, додека сите останати ќе играат во Б дивизија, од која во исто време ќе има можност за проодност во А дивизија во наредните години. 32–те селекции од Европа ќе бидат поделени во 8 групи по 4 екипи, од кои, по 6 кола дома/гости, најдобрите 3 се пласираат во втората фаза, а последнопласираните продолжуваат за опстанок во А дивизија. 24–те најдобри од групите, во втората фаза формираат 4 групи од по 6 селекции, каде се пренесуваат бодовите и се играат натпревари само со трите селекции од групата со која се вкрстува. На крајот од квалификациите, најдобропласираните 3 селекции од четирите групи обезбедуваат пласман на Светското Првенство 2019 година.
Што се однесува до Олимписките Игри, на кои учествуваат 12 селекции, сигурни учесници ќе бидат, освен домаќинот, два претставника од Европа (најдобропласираните две европски селекции од СП 2019), два претставника од Северна и Јужна Америка (најдобропласираните две селекции од СП 2019), како и по една најдобропласирана селекција на СП 2019 од зоните Африка, Азија и Океанија, што вкупно дава бројка од 8 учесници.
Останатите четири ќе се бараат во победниците од четирите квалификациски турнири кои ќе се одржат во јуни 2020 година, во пресрет на ОИ во Токио. На овие турнири ќе учествуваат 24 екипи, 16 најдобри од СП 2019 кои не обезбедиле директен пласман на ОИ, како и по две дополнителни селекции од Европа, Јужна и Северна Америка и Африка, а една од зоната Азија/Океанија.
Теоретски е можно, доколку 12–те европски селекции што настапуваат на СП 2019, бидат меѓу првите 23 во конечниот пласман, тогаш Европа ќе има 12 претставници на олимписките квалификациски турнири. Двете најдобри од Европа директно се пласираат на ОИ, а двете европски селекции кои ќе се пласираат на овие турнири, а не учествуваат на СП 2019, ќе бидат двете најдобри 4–то пласирани од четирите групи во квалификациите за СП 2019.
Во иднина Европа како максимум, на ЛОИ може да има 6 претставника и домаќин (ако ОИ се во Европа), а минимум се два претставника (ако ЛОИ не се во Европа).