Со новиот ребаланс ќе има пари за плати, пензии и сѐ она што е преземено со закон, ветува Димитриеска Кочоска

Во Министерството за финансии се подготвува ребалансот на Буџетот за 2024 година. Ќе се обезбедат пари за плати и пензии, за се она што е преземено како обврска согласно закон, а ќе се скратат неприоритетните и непродуктивните трошења. Предизвикот е голем, планираниот дефицит е потрошен околу 90%, но ќе се справиме со состојбата.

Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето прво гостување по преземање на функцијата во подкаст „Каде се парите“, во кое говори и за плановите, за сериозниот пристап во работењето, борбата со сивата економија, зголемување на пензиите, како и за најавениот заем од една милијарда евра.

„Состојбата е многу лоша. Дефинитивно предизвикот е голем. Не велам дека нема да се справиме. Насоките што ги дадов се дека приоритет мора да имаат платите и пензиите. Во исто време да се даде приоритет на се она што е преземено со закон и дека тоа мора да се плаќа, а потоа да продолжиме со тоа колку пари ќе останат за да се прераспределат на другите ставки“, рече министерката Димитриеска-Кочоска која додаде дека има позиции, како што е примерот со ДИК да фалат огромни средства и да не може да се исплати она што е преземено согласно закон, истото, како што вели, е и во делот на исплата на пензиите каде се испланирани помалку средства за 2,5 милијарди денари.

Таа додаде дека имаме фактичка состојба на реализиран буџетски дефицит од 90%, но дека ќе има простор да се реализираат расходи бидејќи таа состојба ќе се менува како ќе пристигнуваат приливи во буџетот и дека за тоа е важно час поскоро да се направат промени на челните позиции во УЈП и Царинската управа. Исто така, значајна е борбата со сивата економија, за што, како што вели министерката, ќе има сериозен пристап.

Со ребалансот, потенцира, ќе се обезбедат средства за исплата на планираното зголемување на пензиите од 2.500 денари со септемвриската пензија, што пензионерите ќе ја добијат во октомври.

„Во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување недостасуваат 2,5 милијарди денари за исплата на пензиите. И ништо да не се промени, СДСМ и ДУИ предвиделе 2,5 милијарди денари помалку за пензии. Што значи ќе требаше да се дополнат. Тоа се 40 милиони евра. Дополнителни 40 милиони евра се потребни за да се реализира зголемувањето од 2.500 денари. Немам дилема дека ќе да ги најдеме тие средства“, рече министерката за финансии и дополни дека тие средства нема да бидат обезбедени од најавениот заем од 1 милијарда евра. Инаку, како што истакна, пензионерите ќе добијат уште 2.500 денари до јуни наредната година, а може и порано, со што ќе се оствари ветувањето за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари.

За најавениот заем од 1 милијарда евра посочи дека ќе биде од земја од ЕУ и дека тие ќе се користат за капитални проекти.

„Она што можам сега да го кажам и што сме го повторувале многу пати е дека таа милијарда ќе стигне од земја на ЕУ. Средствата ќе бидат наменети исклучиво за проекти и нема се повлечат одеднаш. Тие средства ќе претставуваaт еден сигурносен бафер во овој момент за да имаме сигурност во однос на тоа да начекаме многу лоша состојба. Но тоа не значи дека нема да се искористи. Напротив првите 250 милиони евра ќе стигнат во еден можен најкус рок, а ќе бидат наменети за приватниот сектор, односно ќе ги пласира Развојната банка преку комерцијалните банки, по исклучиво поволни услови со камати под 3%“, наведе министерката за финансии Димитриеска-Кочоска.