
Управниот одбор на „Twitter“ усвоил во петокот стратегија на ткн „отровно апче“ која предвидува издавање акции по пониска цена за постојни акционери доколку милијардерот Илон Маск купу повеќе од 15 отсто од акциите на компанијата.
Целта на таквиот механизам е да го направи преземањето на компанијата од страна на потенцијалниот купувач неисплатлива, а новите акции коишто би ги издал „Twitter“ може да ги купат сите акционери освен Маск, по намалена цена.
Според планот, кој ќе биде на сила 364 денови, механизмот би бил активиран кога моменталниот удел на Маск од 9 отсто во компанијата би се зголемил на повеќе од 15 отсто.
Милијардерот Илон Маск, сопственик на американскиот производител на електрични автомобили „Tesla“ и на вселенската компанија „SpaceX“, понуди во четвртокот 41 милијарда долари за „Twitter“, неколку дена откако го одби местото во управниот одбор на оваа социјална мрежа за микроблогови.
Маск е подготвен да плати 54,20 долари по акција на „Twitter“, се наведува во регулаторниот поднесок објавен во четвртокот, за 38 отсто повеќе од нејзината цена во време на затворњето на берзија на 1-ви април, последниот ден од тргувањето пред објавата на информацијата дека претприемачот е веќе сопственик на 9 отсто од уделот во компанијата.
Маск ја заговара слободата на говорот и во последниот период често остро го критикува „Twitter“ и неговата политика на отстранување објави и содржини кои водството на компанија ќе ги означи, на пример, како дезинформации или екстремна реторика.