Со свечено отворање на новиот станбено-деловен комплекс Diamond Garden во Тафталиџе, Скопје, синоќа градежниот бренд Адора инженеринг прослави 16 години успешна работа во врвот на високоградбата во Македонија.
Во присуство на голем број станари, купувачи, деловни партнери, вработени во компанија и гости, Македонската дијамантска градина за зелено домување, официјално најголемата внатрешна градина во Европа со 5,5 тони растенија од природно потекло, ја отвори менаџментот на Адора инженеринг.
За посебно одбележување е дека овој метод на оплеменување на внатрешноста со зеленило, се користи во најсериозните и најистакнатите проекти за хумано домување во светот. Посебен предизвик беше идејата оваа Дијамантска градина да се претвори во вистинска зелена урбана оаза, мало растилено кралство, за релаксиран, хармоничен, спокоен и интимен живот на жителите на комплексот, истакна проф. д-р Васка Сандева од Универзитетот Гоце Делчев во Штип, стручњак за пејзажна архитектура и хортикултура, консултант во проектот Diamond Garden.
Според неа уникатноста на Diamond Garden се двата внатрешни атриуми, со стаклен кров од кој зрачи природна светлина и свеж воздух, збогатени со 100 отсто природни растенија и мов, презервирани со целосно еколошки процес, кои ги оплеменуваат сите хоризонтални нивоа и целата вертикална висина на комплексот.
Особено сум среќен бидејќи успеавме да докажеме дека можеме да бидеме позитивно различни, но не Адора инженеринг, туку Република Македонија и дека на ова мало парче земја соочено со огромни предизвици, покажавме дека со силна желба, со малку глувост кон оние кои тешкото го нарекуваат невозможно и со многу труд и работа, сепак умееме да создадеме нешто што е за почит во светски рамки. Среќен сум поради среќата на нашите купувачи, станарите, бидејќи домот е свето место каде се поминува најголем дел од животот, каде гледаме како растат неколку следни генерации, домот е библиотека на нашите спомени. Во Адора инженеринг сме среќни што среде секојдневната борба, успеавме да Ви пружиме исклучително квалитетен и топол дом, што секој го заслужува. Дом што секогаш ќе биде Вашето парче спокој среде хаосот наречен денешница“, порача Душко Чифлиганец, заменик генерален директор на Адора инженеринг и проект лидер на Адора Diamond Garden.
Генералниот директор, проф. д-р Ванчо Чифлиганец истакна дека за успехот на Адора инженеринг се заслужни 3.000 вработени-македонски неимари кои досега поминале низ компанијата и изградиле над 3000 стабилни домови, чиј квалитет е препознаен и потврден со стотици национални и интернационални признанија. Чифлиганец порача дека и покрај бројните искушенија и предизвици во работата, Адора секогаш се грижела и ја помагала пошироката заедница, за што изминатите 16 години донирала над 3,5 милиони евра. За него најважно е станарите да бидат среќни во својот дом, но исто така во време во кое зеленилото и парковите се намалуваат да им овозможи барем зеленило и светлина во објектите, во централниот дел, негледајќи ги своите објекти само во метри квадратни и поголем профит.
Јас потекнувам од работничко семејство во кое слогата беше многу важна, а Адора е успешна компанија бидејќи главни столбови на нејзиното постоење се мојата сопруга Данка, синот којшто сериозно почна да работи во изминатите години на овие модерни проекти и мојата ќерка Драган која 12 години заедно со мене гради успешна приказна и е толку скромна што никогаш не посака славата да ја расипе нејзината работливост, рече Чифлиганец во својот говор.
На отворањето на Дијамантската градина на Адора, што од Светската маркетинг организација деновиве доби златен медал за воведување на Boutique концептот на недвижности и домување во Југоисточна Европа, се собраа хуманитарни средства кои ќе се донираат на Детската болница за белодробни заболувања „Козле“ во Скопје.