![vakciniraj-se-kampanja-2021-2-750x419](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/08/vakciniraj-se-kampanja-2021-2-750x419.jpg?resize=696%2C389&ssl=1)
Oд денеска почнува кампањата „Вакцинирај се“ за масовна и успешна вакцинација на граѓаните зашто сѐ уште сме далеку од посакуваното ниво на имунизација против вирусот ковид-19.
– Со ова темпо на вакцинација некаде до средината на октомври уште повеќе ќе порасне колективниот имунитет и може да стигнеме до милион граѓани кои ќе бидат имунизирани – рече министерот за здравство Венко Филипче кој заедно со премиерот Зоран Заев денеска ја промовираа кампањата „Вакцинирај се“.
Според Филипче, за сегашниот актуелен сој на вирусот потребен е опфат над 80 отсто вакцинирано населението за да се стекне колективен имунитет.
Кампањата има за цел да ги информира граѓаните за лична и колективна заштита од ковид-19, да ги разбие сите митови и дезинформации, да ги поттикне граѓаните да се вакцинираат и да придонесат за колективното здравје.
– Во моментов се соочуваме со уште еден силен бран на вирусот. Расте бројот на хоспитализирани и починати. Статистиките кои секојдненво ги правиме велат дека градовите каде има поголем опфат со вакцинација немаат притисок во болниците како што се Охрид, Битола, Гевгелија, но таму каде што има низок опфат како што се Тетово и Гостивар напливот на пациенти на кои им е потребно болничко лекување е навистина голем. Свесен сум дека има различни мислења и ставови во однос на вакцинацијата. Секоја мерка е насочена кон две цели – што побрза имунизација и пресекување на патот на ширење на вирусот. Ќе се бориме против низа дезинформации кои се шират и ги збунуваат граѓаните. Во ова сакам да ни помогне секој кој смета дека вакцинацијата е единствен излез од пандемијата. Ќе побараме поддршка од секого – рече Филипче.
Тој посебно им се обрати на младите да се вакцинираат зашто во таа категорија граѓани има малку вакцинирани.
Филипче рече дека по вакцинацијата е потребно време за да се постигне имунитет, а додека не се постигне колективен имунитет здравствените мерки остануваат.
– Нема дилема дека антителата кои ги добиваат прележаните еден одреден период штитат, но суштината е, а тоа се и препораките од СЗО, дека имунитетот од вакцината е многу подолготраен и поефикасен. Што порано се вакцинираат прележаните ќе се стекнат со подолготраен имунитет. Со тоа се постигнуваат две работи – стекнување подолготраен имунитет и заштита на здравствениот систем. После овој бран може да се соочиме со друг бран во кој оние на кои ќе им опадне имунитетот ќе бидат на удар на вирусот – рече Филипче, кој додаде дека нема податоци за бројот на повторно заразени и починати меѓу прележаните.
Премиерот Заев нагласи дека веќе се забележуваат првите ефекти од мерките – драстично порасна бројот на граѓаните да се вакцинираат. Вакцини има доволно и количините постојано се надополнуваат со нови пратки.
– Се наоѓаме во критична фаза од мутации на коронавирусот. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствен спас од тешки форми на болеста и смртен исход на вирусот. Новиот пик и новиот делта сој потврдуваат дека една од најсуштинските мерки е масовна имунизација на населението. Имаме преку 1.160.000 аплицирани дози досега. За да го поттикнеме овој тренд и да ги охрабриме граѓаните да продолжат масовно да се вакцинираат ја лансираме оваа кампања. Повикот е едноставен и јасен „Вакцинирај се!“ – рече премиерот Заев.
Според динамиката на новозаболените, Заев предупреди дека пред нас е период во кој ситуацијата може да биде навистина критична. Има голем број заразаени во градовите со најмал опфат на вакцинирани за разлика од градовите каде има повеќе вакцинирани. Смртните случаи се главно меѓу невакцинираните.
– Протестот е уставно загарантирано право, но исто така е и правото на здравје. Вакцината е единствениот начин да се бориме протис вирусот. Фактот што дури 90 отсто од заболените се невакцинирани е надвосмислена потврда за ефикасноста на вакцините. Освен што се ефикасни, вакцините се и безбедни. Од 1,6 милиони дадени вакцини кај нас нема ниту еден смртен исход ни тешки последици – што е доказ за безбедноста на вакцините – им порача Заев на антиваксерите.
Тој апелира до граѓаните да ја прифатат пораката на кампањата за сите заедно да се вратиме во нашето секојдневие, на старото нормално.