Во Музејот на македонската борба за државност и самостојност денеска се одржа промоција на капиталната едиција во девет тома „Пишаната оставина на Павел Шатев“.Oваа едиција е од огромно значење за Македонија и македонската историја.
На промоцијата беа присутни премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и бројни познати имиња од македонската политика и култура, историчари, академици и професори.
Долго време ракописите на последниот гемиџија и првиот министер за првосудство во слободна Македонија, Павел Шатев, биле криени и пренесувани од едно на друго место поради режимот кој владеел порано за конечно денес сите тие ракописи бидат собрани на едно место и бидат отпечатени.
Ракописите на Шатев успешно биле зачувани од неговата ќерка Милка Шатева која ги предала во Македонија за да му ја исполни една од најголемите желби на нејзиниот татко.
Реализацијата на ова капитално дело е проект на Министерството за култура, а со тоа Владата на Република Македонија ги демонстрира заложбите за афирмација на македонската политичка мисла низ историјата.
„Денес се наоѓаме пред оставштината на големиот македонски гемиџија, револуционер и политичар Павел Шатев. Човекот како ретко кој македонски деец кој цели 50 години се залагаше за слободна Македонија. Тој, но и плеада на други македонски патриоти денеска може мирно да почиваат. Оние идеи за кои тие се бореле и за кои и најголем дел загинале денеска резултираа со слободна, независна и модерна Македонија,“ истакна пред присутните на промоцијата премиерот Никола Груевски.
Пишаната оставина на Павел Шатев“ е дело од девет тома во кој се наоѓаат ракописите на револуционерот во кои тој пишува на свој начин како ги доживувал и гледал работите кои се случуваат во револуционерната борба.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека по цели 62 години од смртта на големиот македонски револуционер македонската научна јавност и читателската публика во нашата држава, за првпат ќе има можност, изворно да се запознае со неговото дело гледано низ призмата на неговата публицистичка активност.
„Денеска ја промовираме капиталната едиција во девет тома, „Пишаната оставина на Павел Шатев“, која е проект на Министерството за култура, преку кој се обидуваме пред светот да ја презентираме нашата вистина, вистината за Македонија,“ потенцира Канческа-Милевска.
Нагласи дека во богатата оставина на Шатев се зачувани повеќе трудови за историјата на Македонија, кои според опфатот на историските периоди ја зафаќаат речиси интегралната историја на која, како што рече, Шатев и ги посвети последните години од животот, користејќи референтни историски извори и цитирајќи релевантна светска литература.
„Павел Шатев е познат како еден од најистакнатите македонски револуционери, политичари, публицисти и државници бидејќи бил прв министер за правосудство. Но тој е познат и како плоден македонски историограф кој своите ракописи ги пишувал на научна основа и затоа може да се каже дека тој е прв македонски историограф,“ рече стручниот редактор и автор на предговорот Зоран Тодоровски.
Прецизира дека оставнина на Шатев е многу голема и пред се се сосотои од ракописи посветени на историјата на Македонија, на македонското револуционерно движење и на истакнати македонски револуционери.
Новинарот и публицист Предраг Димитровски, кој го изврши изборот и преводот на ракописите, смета дека лик како Павел Шатев заслужува големо внимание во домашната научна и публицистичка јавност.
„Тоа што тој го пишувал пред 70 години, а и денес не губи од својата актуелност, всушност е нов придонес во македонската историографија и историја. Шатев е неисцрпен извор, предизвик за нови истражувања и многу работа,“ рече Димитровски.
Тој посочи дека Милка Шатева можеше да прави што сака со ракописите на нејзиниот татко, но сепак, како што рече, се одлучи да му ги даде нему, на еден македонски новинар.
Промоторот Јордан Плевнеш потенцира дека Павел Шатев има бурна и вулканска биографија како ретко кој во светската историја.
„Тој преживеа неколку империи, монархии и комунистички диктатури, неколку фашистички судски егзекуции, но не ја преживеа само комунистичката диктатура на својот сопствен народ. Од бунарот на историјата денеска излегуваат деветте тома и доаѓаат како деветте кругви на пеколот и девет гласници со глас на гулаб од Светиот Дух и Македонија се соочува со својот погонет и забранет мит што ја одбележа светската историја на Балканот, Павел Шатев,“ рече Плевнеш.
Едицијата содржи обемен фонд на документи поврзани со животот и дејноста на Павел Шатев, голем број објавени и необјавени трудови, статии, материјали, ракописи и фотографии, како и негови мемоари. Ја подготвија „Македоника литера“ и Државниот архив на Република Македонија. Преводот на текстовите е на Предраг Димитровски, а стручната редакција и предговорот се на проф. д-р Зоран Тодоровски.
Деветте тома се базираат на 4.000 страници во ракопис оставина на Шатев. Првите четири тома се насловени „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов – биографија“, „Спомени“ и „Полициско досие (досие УДБА)“. Петтиот том е „Записи за нацијата и државата“, шестиот „Македонија и балканскиот проблем“, седмиот е „Македонија под ропство“, осмиот е насловен „Документи“, а деветиот „Заточението во Сахара – Фезан“.
Павел Шатев е непосреден учесник и активен сведок на речиси сите етапи на македонското револуционерно минато: учесник во солунските атентати во 1903 година, активист во организациите на македонската емиграција во Бугарија и член на раководството на Македонската емигрантска федеративна организација и на ВМРО (Обединета). По ослободувањето на Македонија се вклучил во државниот и политичкиот живот на новата македонска власт со членувањето во АСНОМ, како член на првата влада на Федерална Македонија, како министер за правосудство, потпретседател на Президиумот на АСНОМ и сојузен пратеник во Уставотворното собрание на Југославија.
Павел Шатев е роден во Кратово на 15 јуни 1882, а почина во Битола на 30 јануари 1951 година.