Американскиот претседател Џо Бајден најави помош од 2,3 милијарди долари за изградба на инфраструктура која може да издржи екстремни временски услови и природни катастрофи. Но, тој официјално не прогласи вонредна состојба поради екстремните временски услови, што ќе му дадеше дополнителни овластувања.
Десетици милиони луѓе во САД, во повеќе од дваесет сојузни држави, се соочуваат со екстремни жештини оваа недела.
– Климатските промени се буквално егзистенцијална закана за нашата нација и за светот. Здравјето на нашите граѓани и нашите заедници е во прашање. Затоа, мораме да дејствуваме – рече претседателот во говорот во средата, кој се одржа пред поранешна електрана на јаглен во градот Сомерсет, Масачусетс, пишува Би-Би-Си.
Тој рече дека средствата ќе бидат наменети за проширување на заштитата од поплави, зајакнување на комуналните услуги, доградба на згради и помагање на семејствата да ги платат трошоците за греење и за ладење.
Парите доаѓаат од постојниот буџет на Федералната агенција за управување со вонредни состојби и ќе бидат приоритет за заедниците кои се загрозени, соопшти Белата куќа.
Ова вклучува 385 милиони долари за помош на државите за финансирање на единици за климатизација во домовите и центрите за ладење во заедницата.