Министерството за здравство денеска презентираше нова мобилна апликација „Мое здравје“ која ќе им овозможи на сите граѓани да имаат лесен пристап и увид во личните здравствени податоци.
Апликацијата вклучува интерактивен пристап кон здравственото досие на секој корисник и дава можност да се има увид во дијагностичките анализи, упатите за специјалистички прегледи, вакцините и сертификатите за вакцинација и многу повеќе информации во форма на лично здравствено досие. Во рамки на ова дигитално решение ќе бидат овозможени и детални информации за сите извршени здравствени услуги. Пристап до апликацијата ќе има секое полнолетно лице со можност да врши увид и како родител/старател во податоците за малолетните лица за кое е одговорен.
На ваков начин, секој граѓанин ќе има можност за директен увид во податоците поврзани со личното здравје.
– Како Министерство работиме и ги следиме современите текови и трендови во доменот на достапност на лични податоци поврзани со здравствените досиеја на граѓаните од нашата држава. Со ваков пристап се зголемува нивото на транспарентност и достапност до личните податоци поврзани со здравјето, како за медицинските лице, така и за пациентите – изјави д-р Фатмир Меџити, министер за здравство.
– Како надградба на постојната дигитална платформа „Мој термин“, изработивме модул со кој граѓаните ќе имаат можност да бидат во тек и да имаат постојан увид во личните здравствени досиеја. Во рамки на апликацијата, секој корисник ќе има можност да пристапи до широк опсег лични здравствени податоци и на таков начин да има максимален увид во сопственото здравствено досие – изјави Жаклина Чагороска, проектен координатор за „Мое здравје“ од Министерство за здравство.
Апликацијата „Мое Здравје“ е изработена за потребите на Министерството за Здравство од компаниите „Кликер“ (дизајнирање на апликацијата) и „Сорсикс“ (изработка на апликацијата). Таа е бесплатна за преземање од сите заинтересирани полнолетни граѓани на Македонија достапна е за Android или iOS оперативни системи.
За преземање на апликацијата: [Google Play Store] / [Apple App Store]