Британскиот возач Луис Хамилтон од тимот на Мерцедес победи во неделата на трката за Големата на награда на Турција, со што го потврди освојувањето на титулата светски првак во класата Формула 1, седма во својата кариера.
Со овој севкупен триумф, Хамилтон се израмни со легендарниот Германец Михаел Шумахер, кој исто така седум пати беше светски првак во Формула 1. Пред оваа титула, Британецот беше најдобар пилот во сезоните 2008, 2004, 2015, 2017, 2018 и 2019 година.
Крај Истанбул денеска Хамилтон стартуваше како шести, но со добро возење во возбудливата трка на мократа и лизгава патека успеа да го надомести заостанувањето. Втор беше Мексиканецот Серхио Перез од Рејсинг Поинт, а трет Германецот Себастијан Фетел од тимот на Ферари.
Воедно оваа беше десеттата победа на Хамилтон сезонава, и вкупно 94-та во кариерата.
Единствениот конкурент на Британецот во борбата за титулата беше неговиот клупски колега Финецот Валтери Ботас кој денешната трка ја заврши дури на 14-то место. Ботас требаше да освои осум бодови повеќе од Хамилтон за борбата за титулата да се продолжи до следната трка.
На три етапи до крајот на сезоната, 35-годишниот Хамилтон собра 307 поени, Ботас е втор со 197 а на третото местоо е Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул со 170 поени.
Следните две трки од Светското првенство во Формула 1 ќе се возат во Бахреин, на 29-ти ноември и на 6-ти декември, а последната е во Абу Даби на 13-ти декември.