Со почетокот на учебната година, започнува и новиот циклус предавања на Народната банка од областа на финансиската едукација. Финансиската едукација е дел од стратегиските цели на Народната банка и преку обезбедување непрекинатост во процесот и постојано зголемување на опфатот на населението од различни целни групи, се цели кон унапредување на финансиската писменост во земјава.
За закажување предавање во делот на финансиската едукација, наставниците од средните и основните училишта треба да го пополнат формуларот којшто може да го најдат на страницата за финансиска едукација на Народната банка https://www.nbrm.mk/finansiska-edukacija.nspx и да го достават на е-адресата [email protected], по што ќе бидат побарани за организација на предавањето.
Во изминатите години, Народната банка преку активностите за унапредување на финансиската писменост, има едуцирано околу 22.500 граѓани, од различни возрасти и образование, а исто така има изработено голем број материјали за спроведување на финансиската едукација. Под водство на Народната банка, финансиските регулатори ја донесоа првата национална Стратегија за финансиска едукација за периодот 2021 − 2025 година. Во согласност со Стратегијата, донесен е и Кодексот на добри практики, преку кои се обезбедуваат квалитетни едукативни програми, посветен и коректен пристап од страна на сите вклучени субјекти во процесот на едукација, вклучително и од приватниот и граѓанскиот сектор.