Вториот годишен симпозиум на Друштвото на кардиолошки сестри се одржа со поддршката на Клиника Жан Митрев. Целта на поддршката од Клиника Жан Митрев е да се даде особен придонес кон зацврстувањето и развојот на сестринската професија во нашата земја. На симпозиумот учествуваа кардиолошки сестри од сите јавни и приватни здравствени установи со оддел кардиологија а беа вклучени и учениците од ССОУ ,,Димитрија Чуповски” – Велес.
Претседателката на Друштвото на кардиолошки сестри, Жанета Богоевска Митева од Клиника Жан Митрев, ја истакна важноста и значењето на овој собир, како и споделувањето на искуствата, новите практики и информации за унапредување на негата на пациентите.
Темата на годишниот симпозиум беше „Нови професионални перспективи во кардиологијата“, а предавачите од клиничките центри во Скопје, Штип и Велес ги насочија своите предавања кон современите методи за следење на виталните параметри, за улогата на медицинска сестра при интензивната нега, радиофреквентна аблација и изолација на пулмонални вени, припрема и асистенција при интравенска склерозација како и студија на случај за Рашкинд процедура. Медицинските сестри Сузана Костовска и Бети Игнатова од Жан Митрев Клиник излагаа на тема „Хибридни процедури на аорта и аортна валвула како алтернатива на хируршки третман“, а медицинска сестра Марина Лазевска на тема „Магнетна резонанца на срце со тест на перфузија на аденозин“.
На медицинска сестра Светлана Ончева од Клиника Жан Митрев од претседателката на Унијата Гордана Бешлиовска и беше врачена благодарност за придонесот кон организацијата на симпозиумот.
Настанот е во организација на Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ од кои е дел и Друштвото на кардиолошки сестри, а организирањето на годишната средба е во насока на информирање на медицинските сестри за новите практиките во третманот на пациентите.