Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски продолжува со грижата за граѓаните и нивниот животен стандард. По намалувањето и замрзнувањето на цените на основните прехранбени продукти, како лебот, млекото и млечните производи, јајцата, тестенините и оризот, од петти април се замрзнува цената на 11 дополнителни производи, истакна денес Лидија Тасевска, пратеничка на СДСМ.
-Владата утврди највисока продажна цена од 70 денари за килограм свеж домат, 75 денари за килограм свежа краставица, 90 денари за килограм зелени пиперки, 75 денари за килограм грав, 55 денари за килограм лимони и портокали и 70 денари највисока цена за килограм банани. Покрај тоа се намалуваат и цените на леќата, на кромидот, на карфиолот и на мандарините. Со оваа одлука овие утврдени највисоки цени ќе бидат со важност до крајот на месец април, а со почетокот на месец мај и со почетокот на пласманот и на домашните производи, значително ќе се зголеми конкуренцијата на увозните производи и очекувано е цената дополнително да се намали, посочи таа.
Таа рече дека важно е да се напомене дека со оваа одлука одредени земјоделски производи, како пиперката, гравот и доматот, ќе поевтинат и за повеќе од двојно во споредба со најзастапената цена во малопродажба на 21 март оваа година.
-Ова почитувани е уште еден одлучен чекор кон заштита на стандардот на граѓаните, но и за забавување на растот на инфлацијата во државата. Ние како одговорна партија ќе продолжиме со реализација на мерки и политики што се во интерес на граѓаните. Апелираме сите производители, увозници и маркети да ја почитуваат оваа одлука на Владата. Во време на светска економска криза, никого не оставаме сам, но и не дозволуваме некој да профитира врз грбот на граѓаните, посочи пратеничката на СДСМ.