Со потпишување за кредитот од 100 милиони евра, власта ја презема обврската да се затвори до 2023 Осломеј, а до 2027 година и РЕК Битола

-Ако се земе кредитот од 100 милиони евра што треба да се користи за ликвидност на ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, тогаш се презема и обврската да се затвори до 2023-тата година Осломеј, а до 2027-мата РЕК Битола. Јас ви тврдам дека во законот за кредит кој што е дел од собраниската процедура, има три јасни услови, дека до 2023-та треба да се затвори Осломеј, а до 2027 сукцесивно, 2025-та, 2026-та и 2027 да се затвора сите три блока во РЕК Битола“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Битола.

Тој додаде дека во втората половина на 2022 година треба да се интегрира македонскиот енергетски пазар со грчкиот, а во 2023-та со бугарскиот. Односно да и се направи на Македонија енергетска анексија и енергетско уништување.

– Подготвен сум јавно да застанам и да го бранам ова и да го спорам со секој еден, дали бил од ЕБОР, Европска Банка, од Владата, од СДСМ, или пак од ЕСМ. Подготвен сум да зборувам и да ги имаме и двата документа, едниот е законот што е во Собрание, и другиот документ е договорот за заем што го има државата потпишано. Јас ги имам и двата. Најодговорно тврдам дека ова што јас го зборувам е вистината, нагласи тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека ќе има нови 4.000 луѓе на улица, а прашање е и што ќе се случи со сите оние компании што на директен или индиректен начин соработуваат со ЕЛЕМ во Битола и во Кичево.