Со прераспределба на средствата и на ингеренциите кон општините, граѓаните ќе имаат поквалитетна услуга со помалку ресурси

-Треба децентрализација, односно прераспределба на средствата и ингеренциите од страна на комуналното претпријатие кон општините, вклучувајќи ја механизацијата, камионите и возилата кои се наоѓаат таму. Со многу помалку ресурси, многу помалку средства, ние ќе постигнеме многу поголем ефект затоа што самите ќе реагираме во делот каде што треба, а гледаме дека се реагира несоодветно“, истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски во вечерашното гостување во емисијата „За или Против“ на ТВ Алфа.

Тој додаде дека ова не е процес кој од денес за утре се решава и треба анализа, но дека сепак, не е нерешливо прашање.

„Со тоа ќе имаме поескпедитивна услуга за нашите граѓани, поквалитетна услуга и многу помалку ресурси ќе се одлеваат непотребно како што било случај со години“, вели Ѓорѓиевски.

Истакна дека градоначалниците заеднички дискутирале на оваа тема со градоначалничката Арсовска кога имале комуникација, но денеска таа нема став.
„Ако се вистински поборници за претпријатието да го доведат на прав пат, тогаш еве и вистинска форма тоа да го направиме. Вистинска форма да заштедиме како што треба, да ги прераспределиме ресурсите по општини и секој сам нека си менаџира колку што е способен“, потенцираше Ѓорѓиевски.