Се е џабе, велеше генералниот секретар на владата Рашковски, ама во физибилити студијата за се има цена, открила стручната анализа за потребата од јавно-приватното партнерство за хеликоптерска итна помош направена во јануари оваа година, се вели во прилогот на ТВ Телма.
Трошоците се 10 милиони евра минимум за хеликоптер и најмалку 5,3 милиони евра годишно за оперативни трошоци, стои во физибилити студијата која денеска малку пред првиот мрак беше доставена до новинарите и јавноста од владината прес служба.
Како што веќе Телма објави, студијата ја изработила консултантската куќа Национален центар за почисто производство и напредни менаџмент практики. Од брзиот со време ограничен преглед на студијата, откривме и по некоја грешка.
Таква е например информацијата на 49-тата страна дека во Македонија веќе 7 години функционира само еден број 112 за повик на итните служби, во реалноста уште е по старо –полицијата, пожарната и медицинската итна помош си имаат засебни броеви.
Физибилити студија за проектот кој според Рашковски е дело, прво ремек дело на владата за граѓаните има и демант на она што вчера го кажа генсекот на владата на брифинг со новинари. Тој тврдеше дека „јавно-приватното партнерство нема никаква корелација со центарот за обука на пилоти“, а во студијата како што впрочем и КОД на Телма во истражувањето прикажано во неделата објави стои дека токму тој центар треба да биде седиште на новата хеликоптерска итна помош.
Проценето е дека има најдобри услови. Во студијата е наведено дека тоа е во сопственост на владата, а всушност се уште е во владение на израелски Елбит кој има договор на објектот уште цела година.
Хеликоптерската итна помош е наменета за брзо спасување на тешко повредени лица, меѓуболнички трансфер на тешко болни, но и за потрага и спасување во непристапни области. Во студијата е напишано дека слични служби но со недоволен капацитет има АРМ, а МВР не е спомнато иако и таму има хеликоптерска единица која во моментот спасува и пренесува повредени и болни.
Како можност за финансирање се наведени наплати од патници и на македонските аеродроми и на патиштата.
Рашковски и вчера на брифингот тврдеше дека сите работи се на сметка на фирмата СХЦ од шведска и нејзината скопска ќерка-компанија Сархемс и дека државата нема да ја чини ниту денар. ВМРО-ДПМНЕ пак смета дека парите од 72 милиони евра ќе се одлеат во приватни џебови на луѓе од и блиски на власта.
Рашковски ги демантираше сите тврдења на опозицијата дека се неточни и кажани од незнаење на проблематиката.
Иако како што тврди владата се е на сметка на шведскиот партнер, на крај по 8 години целиот проект и сите недвижности треба да остане на државата. Тоа би требало да вреди 42 милиони евра, предвидела физибилити студијата, но не пишува дали и колку странскиот јавен партнер ќе заработи.