Со првиот удар од Дарко Панчев е промовиран шутбал – новиот спорт во Македонија

Со изведување на стартниот удар од Дарко Панчев беше означен почетокот на првиот натпревар во шутбал – фудбал со одење, во Македонија, одржан под покровителство на Клиника Жан Митрев. Новиот вид спорт беше промовиран на ревијален турнир каде учествуваа повеќе екипи со мешан машко-женски состав. 

Иницијативата за популаризирање на новиот спорт е поттикната од големите здравствени предности што произлегуваат од овој вид спортска активност. Токму поради тоа, позади идејата за промовирање на ваков вид спортско – рекреативна активност и во Македонија застанаа и фудбалските легенди како Дарко Панчев и Васил Рингов. 

Ова е еден од начините да се зголеми свесноста за потребата од рекреативна активност и во возрасните години заради превенција на многу заболувања. Влијае врз намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести, дијабетес тип 2 и мозочни удари. Поттикнува позитивни промени за постурална рамнотежа, крвниот притисок, холестеролот, за смирување на пулсот при мирување, нивото на шеќерот во крвта, густината на коскената содржина и многу дури позитивни промени во насока на подобрувањето на општото здравје. 

Шутбалот како фудбал со одење и со правилата според кои се игра е спортска активност којашто е еднакво наменета за мажи и жени, може да играат мажи постари од 50 (60, 70) години и жени постари од 40 години. Во светот во многу случаи шутбалот го практикуваат и луѓе од над 70 годишна возраст. Во шутбал не смее да се трча, исклучиво се оди (едната нога секогаш е на земја), не смее да има никаков физички контакт меѓу играчите и нема играње со глава, а топката не смее да оди над висината на главата. 

Шутбалот е начин да се остане во форма и да се биде здрав, студиите покажуваат дека е мошне успешен во лечењето на блага до умерена хипертензија, истовремено воздигнувањето на аеробната активност со значајно подобрување на оксидацијата на мастите и генерално аеробната сила на човекот. 

Играта е осмислена во Англија во 2011 година и во моментот се игра во 55 земји со над 60 000 активни играчи. Поради големата и брза експанзија, во 2018 година формирана е WFIWFA (The Federation of International Walking Football Association). 

Првиот турнир во шутбал е во организација на Здружението Пулс виталис а се одржа со поддршка од Жан Митрев клиника, и е најава за следните активности со кои ќе се популаризира овој спорт како здрава рекреативност во возрасни години.