Зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството се двата клучни сегмента во ребалансот на Буџетот што Владата денеска го усвои на седница.
Приходната страна на ребалансот е подигната за 4,7 проценти во однос на иницијалниот Буџет, односно приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари, што се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината.
Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет.
Капиталните расходи се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари се повисоки во однос на планот за 2021 година. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.
Има кратење на расходите кај повеќе буџетски корисници по два основа – по основ на помалку продуктивни трошоци и по основ на проекти кои имаат послаба динамика на реализација. Овие средства ќе бидат насочени кон ставки кои се очекува да дадат поголем процент на реализација и поголема додадена вредност на економијата.
Дефицитот е проектиран на ниво од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 проценти од БДП. Тој заедно со отплатите од претходните задолжувања во износ од 43,3 милијарди денари, ќе се финансираат од надворешни и домашни извори.
Според Бесими, ребалансот е соодветен одговор на фискалната политика на тековните случувања и претставува важен чекор на патеката кон стабилизација на економијата.
Новини во ребалансот се новата потпрограма за зелен развој, нови инструменти како развојна обврзница и зелена обврзница кои ќе бидат наменети исклучиво за инвестиции и зелен развој.
Премиерот Зоран Заев рече дека приоритетите ќе бидат насочени кон надминување на последиците од кризата преку зголемување на инвестициите и поддршка на компаниите.
Бесими рече дека во договор со министерствата за одбрана и за внатрешни работи, има намалување на средствата за одбрана во делот на вежбовните активности и мисиите во странство заради ковид кризата, а во МВР има намалувања согласно нивните проекции.