Со ребалансот на буџетот, приоритетот е ставен на изборите не на економијата, смета Алијансата за Албанците

Дури и со овој ребаланс на буџетот, истата логика продолжува, иако во време на криза се потенцира политичката димензија, а не финансиската и економската димензија на буџетот, велат од Алијанса за Албанците. Со овој ребаланс, додаваат од партијата, Владата се демантира себеси во сите досегашни презентирани сценарија.

„Намалувањето на приходите од буџетот во најоптимистичкото сценарио на Министерството за финансии предвидува намалување за 20%, додека истите се планирани со намалување од само 11,5%. Бидејќи сме ограничени во информациите и сè уште не ја знаеме динамиката на рестартирање и отворање на економијата, едноставно се сомневаме дека ова е одржливо планирање на приходите од буџетот. Можеби се планира и некое зголемување на данокот како тој со акцизата. Предупредувањето за намалување на јавната потрошувачка до 2% се претвори во пораст од 1,4%, 53,7 милиони евра) Образложението дека е помало зголемување на јавната потрошувачка отколку во земји како Германија, Финска не бара коментар“, велат од АА.

Иако беше најавено зголемување и динамизирање на капиталните инвестиции неопходни за економското закрепнување, велат од партијата, тие сепак беа жртвувани, со пад за 4,2 милијарди денари, додека последователните расходи се зголемени за 9,6 милијарди денари.