Со рекорден буџет од 32 милијарди денари ќе се забрза развојот на образовниот систем

-Во 2023 година Владата и Министерството за образование и наука обезбедија континуитет на започнатите промени во образованието. Годинава пак, развојот на воспитно – образовниот систем уште повеќе се интензивира, за што обезбеден е рекорден буџет досега во износ од над 32 милијарди денари. Се посветуваме подеднакво на изработка на нови наставни програми и учебници, на модернизација на инфраструктурните услови и на подигнување на мотивацијата за работа на наставниот кадар во училиштата. Верувам во успех затоа што политиките ги градиме врз база на анализи и факти, со поддршка од пошироката јавност, но и од меѓународната заедница.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната панел дискусија „Европски можности преку модернизација на социјални, образовни и здравствени политики“ како дел од годишната владина конференција „Година на европски можности“ што денес и утре се одржува во Скопје, а на која се презентираат постигањата на институциите во изминатата година, но и плановите и приоритетите за 2024.
„Само во период од една година реконструиравме 80-тина училишни објекти, а изградивме и 4 нови, како и една училишна спортска сала. Во сите е посветено внимание на инклузијата и пристапноста за учениците со попреченост. Годинава пак, за капитални инвестиции ќе одвоиме над 1,3 милијарди денари или тоа е за 50 % повеќе од ланскиот буџет. Ова се средства со кои планираме да реконструираме 90-тина училишни објекти, да започне изградбата на 5 нови и да се прошират просторните капацитети во постоечки 15-тина“, рече министерот, додавајќи дека лани беше отворен еден нов студентски дом во Тетово, а годинава со „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе започне етапната реконструкција на девет државни студентски домови.

„Особена чест ми е што, само во 2023 година, платите на наставниците ги зголемивме за 18%, а притоа обезбедивме и можности за напредување во звање ментор за 50-тина наставници, преку транспарентен повик. Обуките на наставниот кадар станаа вообичаена пракса. Како никогаш претходно, во последните две години организираме обуки на различни теми од интерес на наставниците за поквалитетна настава и поддршка на учениците. Недостасуваа обуки и ние ги овозможивме. Само лани опфативме над 18.000 наставници и стручни соработници со истите“, рече министерот.

Во делот на средното образование минатата година фокусот беше ставен на проширување на концептот на дуално образование, кој го направи стручното образование интересно за младите, нудејќи повеќе пракса, а помалку теорија. Како што нагласи, дуалното образование се уредува со нов Закон за стручно образование и обука, кој пак, заедно со нов Закон за средно образование пред неколку денови е усвоен од Владата и пуштен во собраниска процедура.

„Пред четири години имавме само 98 ученици во 11 дуални паралелки, а денес имаме речиси 7000 ученици во 592 дуални паралелки, од кои 3900 се запишаа лани во прва година и за овие постигања особено сум благодарен на швајцарската амбасада која обезбеди најголема поддршка во овие наши напори“, рече Шаќири додавајќи дека во меѓувреме формирани се и три нови регионални центри за стручно образование и обука., така што сега се вкупно пет.