Аудитивни, визуелни и тактилни реквизити се дел од опремата во сензорната соба на ООУ „11 Октомври“ во Куманово, во која од денес, стручната служба и специјалниот едукатор и рехабилитатор ќе може да работат на индивидуални третмани со учениците со образовни потешкотии.
„Сензорната соба и инклузивните игралишта вистински го подобруваат квалитетот за образование и воспитание на учениците со попреченост во општинските училишта, а истовремено ги подобруваат инклузивните капацитети и практики во Куманово. Со партнерствата кои ги градиме, се надевам дека ќе бидеме пример за социјална и образовна вклученост на децата во образовниот систем“ – вели раководителката на одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и ЛЕР, Донка Петровска.
Компанијата Алфи Би ја поддржа реализацијата на сензорната соба, активност на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ која е финансиран од Европската Унија, а има за цел да ги подобри можностите за образование на децата со попреченост.
„Среќни сме што Алфи БИ“ како општествено одговорна компанија со помош на Фондацијата „Чекор по чекор“, заеднички успеа да ја опреми оваа сензорна соба, и да го изградиме претходното инклузивно игралиште во две различни основни училишта во Куманово. Благодарни сме на оваа заедничка соработка и верувам дека со тоа во јавноста испраќаме важната порака, дека позитивните промени се можни кога сме вклучени сите во нивна реализација и на тој начин придонесовме кон создавање на позитивни промени и вредности, не само за децата со посебни потреби, туку и за заедницата во целост“ – рече Филип Серафимовски, директор на Алфи Би.
Благица Димитровска од здружението „Инклузива“ кои заедно со Фондацијата „Чекор по чекор“ и здружението „Хандимак“ го спроведуваат проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, истакнува дека со активностите од овој проект, вклучително и сензорната соба во ООУ . „11 Октомври“ во Куманово, значајно се придонесуваа, секое дете да добие пристап до квалитетно образование.
„Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ стимулира инклузијата преку директна поддршка на семејствата, oбука на наставниот кадар, потоа стипендирање на учениците со попреченост, со што тие рамноправно се вклучуваат во редовниот образовен систем. Преку проектот со месечни стипендии се поддржани 471 ученик, а само во општина Куманово има повеќе од 40 стипендисти. На овој начин ние директно работиме на развој на инклузијата на локално ниво, и се залагаме за создавање на еднаков пристап и можности за сите деца во сите училиштата и во нашиот регион и во државата. Со создавање на пристапни и стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца.“, потенцира Димитровска.