Со свечена академија Србите од Македонија го одбележаа празникот Свети Сава

По повод празникот Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија, вечерва, во Македонскиот народен театар (МНТ), се одржа Централната Светосавска академија, под покровителство на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и на Владата на Република Македонија.

Во име на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, се обрати неговиот личен пратеник, министерот за одбрана на Република Србија Александар Вулин. Во име на Владата на Република Македонија се обрати премиерот Зоран Заев.

На свечената академија на која присуствуваа високи преставници од Република Србија и од Република Српска како и претставници на најголемите политички партии во државата ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, премиерот Заев истакна дека му претставува особена чест што е дел од академијата посветена на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ, Свети Сава.

Може да се каже дека Свети Сава е духовник и образец на кој се угледуваат припадниците на српскиот народ кога во својата духовна зрелост ја избираат матрицата за својот личен карактер, а со тоа и карактерот на народот на кој му припаѓаат. Затоа кога зборуваме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме нашата определба, определбата на граѓаните на Република Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Вечно е неговото име, и вечна е неговата слава, што ја одбележуваме на денешниот ден, изјави Заев.

На академијата свое обраќање имаше и претставникот на претседателот на претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Синиша Каран.