Со Трамп на чело на САД, НАТО го пали „турбо погонот“, вели Руте

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте очекува дека враќањето на Доналд Трамп на позицијата претседател на САД, брзо и значително ќе го зајакне западниот воен сојуз.

„Со враќањето на претседателот Трамп на функцијата, со ‘турбо погонот’ ќе ја озголемиме одбранбената потрошувача и производството“, објави Руте на X.

Руте изрази „топли честитки“ до Трамп за неговата инаугурација како 47-ми претседател на САД и до ЏејДи Венс како негов потпретседател.

„Заедно можеме да постигнеме мир преку моќ – преку НАТО“, заклучи Руте.

Трамп ги повика земјите-членки на НАТО да издвојат 5 отсто од својот бруто домашен производ за одбраната, наспроти претходните 2 отсто што беа цел на НАТО. Новата цел би значела удвојување или повеќе од двојно зголемување и сума што ниту една членка, вклучително и Соединетите држави во моментов не ја трошат.

Пред десет дена челниците на земјите членки изјавија дека НАТО нема да го поддржи предлогот на Трамп за зголемување на трошоците за одбрана на 5 отсто од бруто домашниот производ, но најверојатно ќе се согласи на повисоки распределби од сегашната цел од 2 отсто од БДП-то.

Трамп во вторникот рече дека земјите-членки на НАТО треба да потрошат пет отсто од својот БДП за одбраната, многу повеќе од сегашната цел од два отсто

Изјавата на Трамп, дадена пред десет дена на прес-конференција каде што предизвика бура со забелешките за Гренланд, Канада и Панама, потсети на неговиот фокус на трошоците за одбрана во рамките на НАТО за време на неговиот прв мандат и неговата закана САД да не ги заштитуваат сојузниците кои не ги исполнуваат зададените цели и обврски

Претставниците на земјите-членки на НАТО рекоа дека се согласуваат дека трошоците за одбрана треба да се зголемат, но не ја поддржуваат целта од 5 проценти од БДП-то, што според аналитичарите би било политички и економски неостварливо за повеќето членки и би значело стотици милијарди американски долари дополнителни трошоци.

Но, новата цел најверојатно ќе биде договорена на самитот на НАТО во Хаг во јуни поради загриженоста дека Русија би можела наводно да нападне членка на НАТО по Украина и притисокот од Трамп, изјавија официјални лица. Клучните отворени прашања се која ќе биде оваа нова цел и дали ќе биде доволна за Трамп.

Некои очекуваат 32-те земји-членки на НАТО да се договорат за цел од околу 3 проценти од БДП-то. За многумина тоа би било многу, бидејќи сè уште не ја исполниле или едвај ја исполнуваат целта од 2 процента, десет години по нејзиното поставување.

„Се чини дека ќе има промена. Мислам дека нема да биде пет проценти, што би било невозможно за речиси секоја нација во светот во моментов, но… нема да биде два проценти, што веќе се бориме да ги исполниме, но ќе да биде повеќе од два“, изјави минатата седмица италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето за Reuters.

Италија издвојува околу 1,5 отсто од БДП за одбраната и е меѓу осумте земји-членки на НАТО кои не ја исполнуваат целта од два отсто.

Полска, која граничи со Украина, троши најмногу за одбрана од сите членки на НАТО. Минатата година за одбрана потрошила 4,12 отсто од БДП-то, според проценките на НАТО. Следат Естонија со 3,43 отсто и САД со 3,38 отсто.

Според проценките на НАТО, земјите-членки одвоиле 1,474 билиони американски долари за одбрана во 2024 година, од што самите САД околу 968 милијарди, а европските земји и Канада 507 милијарди долари. Вкупниот просек е околу 2,71 отсто од БДП-то на НАТО.

Некои функционери и аналитичари веруваат дека предлогот на Трамп од 5 проценти е намерно висок за да започнат преговорите и очекуваат дека тој би можел да се согласи на нешто поблиску до 3 проценти. За време на изборната кампања минатата година, Трамп предложи цел од 3 проценти, додавајќи дека тоа ќе значи зголемување на буџетите за одбрана од околу 30 проценти за повеќето земји-членки.

Фенела Мекгерти, експертка за одбранбена економија во Меѓународниот институт за стратешки студии, вели дека неодамнешните зголемувања на трошоците за одбрана се исклучителни, но и дека ќе бидат потребни години за да се постигнат новите цели.

„Дури и ако Европа продолжи со ова темпо на навистина исклучителен раст (на вложувањата во одбраната – з.р), повеќе од 10 проценти во реални услови во 2024 година – сепак ќе бидат потребни уште 10 години за да достигне 3 проценти од БДП“, вели Мекгерти.

Франција и балтичките земји се залагаат ЕУ заеднички да се задолжува за одбраната. Исходот од таа дебата би можел да зависи од парламентарните избори во Германија следниот месец. Берлин во моментов е против оваа идеја.