Соединетите држави и клучните европски сојузници во вторникот рекоа дека немаат планови за испраќање војници во Украина, откако Франција навести дека тоа е можно, а Кремљ предупреди дека тоа неизбежно ќе доведе до конфликт меѓу директен воен судир меѓу Русија и НАТО.
„Претседателот Бајден јасно стави до знаење дека САД нема да испраќаат војници да се борат во Украина“, изјави портпаролката на Советот за национална безбедност на САД, Адриен Вотсон.
Францускиот претседател Емануел Макрон на итно свиканиот состанок на дваесеттината европски челници, на кој присуствуваше и американски претставник, во Париз во понеделникот вечерта рече дека западните сојузници не треба да исклучат каква и да е опција за спречување на руската победа во Украина, вклучително и испраќање свои војници на украинското боиште, иако нагласи дека „засега“ нема консензус за тоа.
Но, Германија, Велика Британија, Шпанија, Полска и Чешка набрзо се оградија од сугестиите дека би можеле да испратат свои војници во војната во Украина, која влезе во третата година.
„…Нема да има копнени трупи, ниту војници на територијата на Украина од земјите од Европа или НАТО“, изјави во вторникот германскиот канцелар Олаф Шолц.
Подеднакво одлучен беше и германскиот министер за одбрана Борис Писториус. „Чизмите (војнички) на теренот не се опција за Германија“, изјави тој за новинарите за време на посетата на Виена.
Белата куќа подоцна повтори дека не планира да испраќа копнени трупи, барајќи од американските законодавци да одобрат нацрт-закон со кој ќе се осигура дека војската на Украина ќе го добие оружјето и муницијата што ѝ се потребни.
Францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне во вторникот изјави дека претседателот Макрон размислува да испрати војници за конкретни задачи како што се помагање во деминирање, производство на оружје и сајбер безбедност.
„Ова би можело да бара (воено) присуство на украинска територија, без преминување на прагот на борби“, рече тој.
Шолц рече дека по состанокот во понеделникот, европските челници изгледале подготвени да набават оружје и муниција од трети земји за да ја забрзаат помошта за Украина.
Кремљ го предупреди Западот што ќе биде во прашање доколку испрати војници во Украина.
„Фактот дека се разговара за можноста членките на НАТО да испратат одредени контингенти во Украина е многу важен нов елемент“, им рече на новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, прашан за коментар за изјавата на Макрон.
На прашањето каков би бил ризикот од директен конфликт меѓу Русија и НАТО во тој случај, Песков одговори: „Во тој случај, ќе треба да зборуваме не за можноста, туку за неизбежноста (на директен конфликт)“.
Висок украински функционер изјави дека разговорите на западните земји за директна воена интервенција во Украина се добра работа и покажуваат дека постои свест дека руската агресија е закана за Европа.
„Пред сè, тоа покажува апсолутна свест за ризиците што ги носи Европа од милитаристичка, агресивна Русија“, рече советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така, рече дека НАТО не планира да испрати свои сили во Украина. Чешкиот и полскиот премиер Петр Фиала и Доналд Туск и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, исто така, рекоа дека нивните земји не размислуваат да испратат свои војници во Украина.
Литванскиот министер за одбрана Арвидас Анусаускас изјави дека Вилнус не е суштински против идејата за распоредување копнени сили во Украина. Според него, Литванија би можела да испрати свои војници во Украина за да помогнат во обуката на војниците, но тие никогаш не би се вклучиле во борбени операции против руските сили.