Ако Државниот испитен центар утврди одговорност кај учениците или професорите за пропусти и препишување при вчерашното полагање на државната матура треба да има казни, сметаат од сојузот на средношколци. Тестовите и системот не беа пробиени, но очигледно беше дека на средношколците им било дозволено да носат мобилни телефони со себе при полагањето на државната матура, и на тој начин споделуваа слики од одговорени прашања на тестот по англиски јазик во неколку групи на апликацијата „вибер“.
А, денеска во салата на Советот на Град Скопје се одржа дваесеттото Собрание и третиот конгрес на кој беше избрано новото раководство на Сојузот на средношколци. Средношколците бираа меѓу двајца кандидати, Берин Мухамед и Ива Трпески кои доаѓаат од Извршниот одбор и имаат искуство со младинскиот активизам и проблемите на средоношколците.
Обезбедување на учебници и квалитетна настава како и спроведување на проектот за измени во концептот на државната матура се приоритети на новиот претседател Мухамед кој доаѓа од гимназијата „Зеф Љуш Марку“.
Сојузот на средношколци ќе функционира и со нов извршен одбор а противкандидатот Трпески ќе биде прв потпретседател.