Со владиниот Лирџет директорот на СОЗР и четири вработени летнале утрово на шопинг во Љубљана

Утрово директорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата, Пеце Мирчевски, заминал заедно со четири жени, вработени во истата служба, со владиниот авион „Лирџет“ на шетање во Љубљана, дознава „Нетпрес“ од вработени во Службата. Тие денеска заминале на аеродромот со службено возило Пасат и до попладневните часови не се вратиле на своите работни места.

„Нетпрес“ доби официјална потврда од М-НАВ дека Лирџетот полетал од скопскиот аеродром за Љубљана во 10.08 часот утрово.

„Како може владин авион да се користи за приватни потреби, шетање, шопинг и ручек во Љубљана. По кој основ ?“, прашуваат вработените.

Со Мирчевски заминале во Љубљана неговата секретарка, шефицата на човечки ресурси и шефицата на јавни набавки, сите вработени со договор на дело.

„Како може некој ова да си го дозволува, а некој да умира за лекови и за операции. А, нас тука на работните места да ни се одмаздуваат и тортури да ни вршат истите тие ?“, велат револтирано вработени во СОЗР.