Со влегувањето во НАТО покажавме каде припаѓаме, рече Петровска

Со показна точка „Егзерцир“ во изведба на Армиската гарда, промоција на две поштенски марки и доделување признанија за воениот и цивилниот состав на Армијата денеска пред платото на Министерството за одбрана беше одбележана четиригодишнината од зачленувањето на земјава во НАТО и 32-годишнината од формирањето на Генералштабот на Армијата.

– На овој ден во 2020 година покажавме каде припаѓаме, кои се нашите заеднички вредности и кое е нашето место како земја која отсекогаш се залагала за мир, демократија, безбедност и стабилност. Но, овој датум има и друга историска важност – клучен датум во создавањето суверена и независна Македонија, рече министерската за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање.

Таа нагласи дека на истиот датум во 1992 година се создадоа услови за формирање на македонската Армија.

-Првиот 27 март ја потврди нашата одлучност за независна и самостојна држава, а вториот ја зацврсти нашата безбедност и стабилност. Влегувајќи во НАТО јасно го одбравме патот – стабилност и сојузништво наспроти деструктивно однесување, рече Петровска.

НАТО, како што кажа, не е закана за никого, туку постои за да се заштити себеси.

-Нашата историја покажува дека промовираме стабилност, еднаквост и дијалог. Како членка на Алијансата мора да бидеме подготвени и одговорно да го зацврстиме системот на отпорност на нашето општество. Тоа е сериозен предизвик што мора да го совладаме, рече Петровска и нагласи дека Армијата ќе продолжи да се развива и модернизира затоа што е столбот на државата, а ќе продолжи и инвестирањето во човечкиот капитал – столбот на одбраната.

Првиот вицепремиер Бојан Маричиќ посочи дека денеска сме поспокојни сите зашто сме полноправна членка на најнапредната и најмоќната одбранбена воено-политичка алијанса и дека пред четири години ги запечативме гаранциите за нашиот територијален интегритет и безбедноста на граѓаните. Успехот за НАТО, потенцира, е инспирација да продолжиме кон ЕУ.

-Тоа е така зашто сме меѓу демократите и демократиите, меѓу визионерите, и затоа што сме тука сите за еден и еден за сите – рамо до рамо со најразвиените во светот. Многу брзо по членството имавме можност да видиме како изгледаат алтернативите за да си потврдиме дека за нас всушност никогаш немало и нема да има друга и подобра алтернатива. Сликите на ужасот во Украина ни покажуваат дека членството во НАТО е најдобрата цел што сме успеале да ја обезбедиме за нашите граѓани, посочи Маричиќ.

Порача дека со тоа се покажало дека вредела секоја тешка одлука којашто не донела до тука. Членството во НАТО, додаде, е привилегија, но и обврска како држава да јакнеме и да придонесуваме во колективната безбедност. НАТО е најмоќниот сојуз кој го чува мирот на над една милијарда граѓани со демократски вредности.

-Ние сме тука и ќе продолжиме да бидеме тука и за Украина се додека е тоа потребно, потенцира Маричиќ.

Директорот на Генералштабот на Армијата, бригадниот генерал Симеон Трајковски истакна дека денеска првпат официјално се чествува 28 март – Денот на Генералштабот на Армијата кога официјално почна функционирањето на ГШ со преземање на просториите на Министерството за одбрана од ЈНА.

-Почетоците беа тешки, се работеше макотрпно со огромен ентузијазам и патриотизам со цел да се почне со планска организација, раководење и командување во контекст на исполнување на уставната обврска на Армијата за обезбедување на државната граница и чување на територијалниот интегритет и суверенитет на државата, рече Трајковски.

Новиот предизвик за ГШ, како што кажа, настапил во 2020 година кога за само 18 месеци е извршен потполна интеграција во воената структура на НАТО.

-Сите активности и достигнувања на ГШ во изминатите 32 години се доказ дека Армијата се наоѓа на вистинскиот пат кој беше јасно трасиран уште преку Првиот акциски план за членство во НАТО, потенцира Трајковски.

На настанот беа промовирани и две поштенски марки изработени по повод четири години од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата.