Со воведен збор на одбраната продолжи судењето за „27 април“

Богдан Илиевски и Владо Јовановски сториле тероризам со зборови, а не со дела, а начинот на сторување на кривичното дело тероризам е направен со несторување. Ова го истакна адвокатот Дончо Наков кој во постапката за случајот со насилството во Собранието на 27 април ги застапува обвинетите Љубен Арнаудов, Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Абдуљ Алими.

Адвокатот Наков во воведен говор пред судот нагласи дека ќе докаже дека ниту еден обвинет не презел општо опасно дејствие или чин на насилство и дека кај неговите штитеници не постои ниту намера, ниту умисла за сторен тероризам. Основната позиција која го држи ова дело во правна форма адвокатот Наков смета дека е постоењето на координација меѓу групата, а такво нешто, според него, не постои. Мотивот за сторување на кривичното дело тероризам, според обвинението, е наводното спречување на избор на претседател на Собранието, а следствено на тоа обвинетите се гонат за сторено кривично дело „загрозување на безбедноста и уставниот поредок“. Според Наков, намерата не се остварила, бидејќи избраниот претседател Талат Џафери седи во кабинетот, е назначен на функција и се уште е актуелен собраниски спикер. Тврдењето дека четворицата обвинети кои ги застапува адвокатот Наков не сториле тероризам бранителот го поткрепи и со фактот дека ниту еден од овие обвинети досега не е осудуван. За секој поединечно пред судот Наков даде кратко соопштение за личноста на обвинетите.

„Љубен Арнаудов, над 15.000 породувања во импозантна кариера од 30 години работно искуство. Пратеник во Собранието, избран со мнозинство и со голем углед. И во таква кариера со спасување на човечки животи тој денес е обвинет за тероризам и дека сакал некому да наштети.

Владо Јовановски, глумец, нормален човек, со нормално семејство и со високи кредити. Патриот, емотивен тип, но никако терорист.

Богдан Илиевски, архитект, организатор на протестите на За заедничка Македонија, кој во 65 дена успеал да не дозволи да се случи никаков инцидент и тој никако не може да биде насилник.

Абдуљ Алими, полицаец за кој Зијадин Села ја заложи својата куќа како гаранција дека лими нема да бега. Човекот кој овде е обвинет е еден од поважните сведоци во случајот со нападот на Села и врз основа на неговиот исказ беше донесена судска пресуда. Значи обвинителството во тој предмет му верува, а Села тврди дека Алими е лицето на кое тој му го должи животот“, образложи пред судот адвокатот Наков.

Во врска со дејствијата за кои обвинителството ги гони овие лица Наков додаде дека постои снимка која ќе биде доказ на одбраната дека Арнаудов не презел никакво дејствие за сторено насилство, дека не можел никако да повика и да насочува луѓе да влегуваат во пленарната сала бидејќи масата народ како река влегла во Собрание, а во пленарната сала нема дејствие на насилство.

Според водениот говор на адвокатот Наков, Арнаудов на 27 април минатата година бил во Собрание за да присуствува како пратеник на седница која претходно била закажана.

Обвинителството тврди дека обвинетиот Алими дал клуч од средната врата од Собранието на еден од сообвинетите. Според адвокатот Наков, решавачки факт за утврдување вина кај овој обвинет е дека таа врата воопшто и не била отклучена.

Судењето е во тек и продолжува со воведни говори на одбраната. Во оваа постапка 31 обвинет одговараат за терористичко загрозување на уставниот поредок, а двајца за помагање

Во меѓувреме, група граѓани со знамиња протестираат пред Кривичен суд.

Првото рочиште за настаните во Собранието на 27 апри се одржа вчера со воведни говори на обвинителката Вилма Рускоска и адвокатите на дел од обвинетите.

На обвинителната клупа во судот вчера седнаа Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски – Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска – Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски – Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски – Кољо, Александар Василевски – Нинџа и Митре Питроповски.

Судијката Кацарска која го води предметот закажа вкупно 37 термини за главната расправа.