Со Законот за вршење сметководствени работи се предвидува државен упад во бизнисите

Во Собранието денеска почна постапката за донесување на Законот за вршење сметководствени работи со европско знаменце. Како по обичај, така и сега се злоупотребува Комисијата за европски прашања и закони од област на други работни тела се разгледуваат по забрзана постапка, изјави денеска прaтеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Со Законот за вршење сметководствени работи се предвидува, како што рече, државен упад во бизнисите.

– Власта формира Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија составен од пет члена, од кои тројца се на предлог на министерот за финансии. Овој Совет во своите ингеренции има надлежност да спроведе контрола на работењето на сметководителите т.е. друштвата за вршење сметководствени работи и трговци поединци сметководители. Ваквите одредби се крајно неевропски и асоцираат на едно друго државно уредување во кое се контролира целосно работата на приватниот сектор – изјави Стојаноски во Собранието.

По донесување на Законот, како што рече, ќе се направи промена во раководството на Институтот на сите сметководители, а новиот в.д. претседател ќе го одбере ад хок комисија која ја формира Советот што го формира Владата.

-Поради овие и многу други забелешки кои ги доставија до нас сметководителите баравме и добивме ветување од владиното парламентарно мнозинство дека ќе се одржи јавна расправа во следниот период на кој ќе бидат повикани сите заинтересирани страни – појасни Стојаноски.