Именувањето на директорот на Јавната установа Музеј на град Скопје – Скопје е проследено со низа законски недоследности, кои претставуваат сериозно кршење на позитивните прописи, реагираат вработени во оваа институција од сферата на културата во отворениот допис до скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Според укажувањата од вработените, огласот за директор на Музејот бил објавен вон законските рокови, односно не бил објавен најдоцна 3 месеци пред истекот на мандатот на претходниот директор, согласно чл.11 став 3 од Законот за музеи и притоа се цитира односниот член.
„Директорот на Установата се избира по пат на јавен оглас што се објавува преку средствата за јавно информирање, најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на претходниот директор“.
Исто така, Музејот воопшто не била информиран дека е објавен оглас за директор, со што настануваат натамошни проблеми при евентуалното пријавување во Агенцијата за вработување, каде се потребни исечоци од весниците каде огласот бил објавен, а со оглед дека не сме информирани, примероците не беа обезбедени.
Вработените реагираат и на прекршување на процедурата, бидејќи претседателот на комисијата за избор го добил известувањето од Шилегов, и тоа на домашна адреса.
„ Согласно истиот член 11, но став 5 од Законот за музеи, кандидатите своите пријави заедно со сите потребни документи ги доставуваат до Тричлена комисија која е составена од членовите на Управниот одбор на Музејот. Почитувајќи ги овие одредби, УО на Музејот ја состави Комисијата која ги разгледуваше пристигнатите документи, по што истата во законскиот рок од 5 дена (од денот на завршување на огласот) достави Записник до Градоначалникот за понатамошно одлучување. Од двајцата пријавени кандидати, едниот не бил земен во предвид со оглед на фактот дека ги немал доставено сите потребни документи. На огромно изненадување, бевме информирани од Претседателот на Комисијата дека добил известување од Вас на домашна адреса, нешто за што Музејот не беше воопшто информиран, а што претставува грубо кршење на процедурата“, се наведува во отвореното писмо.
Во дописот, скопскиот градоначланик барал од Комисијата да го смени својот записник и да констатира дека кандидатот за кој е известен дека не влегува во избор поради непотполна документација, всушност ги има доставено сите документи. Согласно горенаведното, воочливи се груби законски пропусти.
„Имено: – доставено е известување на лична адреса на еден од членовите на Комисијата, а не до архивата на Музејот со назнака до Управниот одбор; – пропуштен е рокот од 15 дена за донесување на одлука за избор на Директор (со доставување на известување на лична адреса на еден од членовите на Комисијата, не се запазува рокот, особено со фактот што не станува збор за донесување одлука, туку барање Комисијата да си го смени записникот); – незаконско вршење на влијание врз членовите на Комисијата за промена на записник“, посочуваат вработените во Музеј на Град Скопје.
Поради сево ова Комисијата на вонреден состанок заради горенаведеното, одржан минатата седмица, на 29-ти ноември, ги разгледувала наводите од дописот, по што констатирале дека не постои причина записникот да биде изменет. Известувањето е доставено истиот ден до архивата на Град Скопје со назнака „До Градоначалникот на Град Скопје“.
Повторно на огромно изненадување на вработените, заради очигледно непочитување на законски одредби, на ден 2-ри декември, во 15:30 часот како што се истакнува, во архивата на Музејот пристинало Решение за избор на директор, и тоа именуван е кандидатот кој ги нема доставено сите потребни документи за да може да биде избран за оваа функција во установа која чува и заштитува културното наследство,
„И овде се воочува грубо прекршување на законските овластувања, и тоа: Во образложението на Решението за избор на Директор стои:
‘Комисијата формирана од Управниот одбор на Јавна установа Музеј на град Скопје – Скопје ја разгледа пристигнатата документација и утврдила дека во законски определениот рок на огласот се пријавиле двајца кандидати и тоа Славко Лисичков и Славица Христова.’
Согласно цитираниот пасус, Градоначалникот воопшто не го зема во предвид записникот на комисијата, каде е констатирано дека кандидатот Славко Лисичков не ги исполнува условите. Наместо тоа, истиот е дури и назначен за Директор.
Истовремено, на самото решение за избор, очигледно е бришењето со коректор на датите на решението, кое упатува на сомнеж за тоа како градоначалникот го врши изборот.
Во диспозитивот на решението се назнучува кандидатот за директор со дата сметано од 05.12.2019 година и истиот (видно од решението доставено до музејот) го примил на 02.12.2019 година, а без да се земе предвид правната поука која упатува на правен лек – жалба, во рок од 8 дена од приемот на одлуката“, се наведува во продолжение.
Исто така, се тврди и дека правната поука на самото Решение е неточна. Согласно измените на Законот за музеи од 2011 година, жалба на незадоволниот кандидат се праќа до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, а не до Второстепена комисија на Влада, како што е наведено во правната поука на Решението.
„Целта на ова обраќање не е насочена лично спрема кандидатот, туку упатување на големиот број на законски пропусти во постапката за избор на директор, кои се недозволиви во една правна држава. Сметаме дека овие пропусти би се исправиле со објавување на нов оглас за директор, каде секој е слободен да конкурира со доставување на сите потребни документи“, заклучуваат во дописот вработените во Музејот.