Со зголемување на платите и пензиите до подобар стандард

Сојузот на синдикати на Македонија смета дека Предлог-буџетот за 2015 година со кој се предвидува зголемување на платите, пензиите и социјалните трансфери, е развоен и ќе им овозможи на граѓаните полесно да ги надминат последиците од кризата, пренесува МИА.

– Развојната компонента ја гледаме од повеќе аспекти. Пред се со самото зголемување на платите ќе се обезбеди и зголемување на општата потрошувачка, а со тоа и развој на целата држава. Ваквата стратегија овозможува следење на потребите на вработените за да ја надминат кризата, односно со зголемувањето на платите се обезбедува позитивно соочување со кризата која беше присутна и се уште трае, оценува претседателот на ССМ, Живко Митревски.

За синдикатите, додава Митревски, ова зголемување е важно затоа што тоа го инкорпорирале во колективните договори што значи дека со тоа доаѓа до зголемување и на висината на коефициентите.

Со ваквата реализација на буџетот, според Митревски, се исполнуваат барањата на синдикатот за зголемување на платите.

– Ова е потврда дека социјалниот дијалог функционира во државата и оти се исполнува договореното, потенцира Митревски.

Вработените во јавната администрација го поздравуваат планираното зголемување на платите. Велат дека секое покачување е добредојдено iи дека со тоа ќе им се подобри животниот стандард.

Предлог-буџетот за 2015 година беше усвоен од страна на Владата на Република Македонија и е доставен на разгледување во законодавниот дом.