Соборениот кинески балон бил насочен кон Хаваи, но излетал од курсот, тврдат американски претставници

Американски претставници веруваат дека кинескиот балон што беше соборен откако прелета над континенталниот дел на САД првично бил на траекторија што би го однела над Гуам и Хаваи, но ветровите го однеле од курсот. Ова го изјави американски функционер кој сакаше да остане анонимен.

Балонот, за кој Вашингтон го обвинува Пекинг дека го користи за надзор, а Кина вели дека бил цивилен истражувачки брод, пловел над Алеутските острови на Алјаска, потоа над Канада и централниот дел на САД пред да биде соборен од американската војска на 4 февруари во близина на брегот на Јужна Каролина.

Инцидентот дополнително ги заостри американско-кинеските односи и го натера американскиот државен секретар Антони Блинкен да ја одложи планираната посета на Пекинг минатата недела.

Американската армија и разузнавачките агенции го следеле балонот кога полетал од островот Хаинан во близина на јужниот брег на Кина, објави „Вашингтон пост“. Американската армија во понеделникот објави дека ја извлекла критичната електроника од балонот и други големи делови од него.