Соботка: Австрија нема да ја прифати Украина во ЕУ без западен Балкан

Австрија никогаш нема да ѝ одобри на Украина статус на земја-кандидат за членство во Европската унија за сметка на земјите од западен Балкан, изјави во саботата претседателот на австрискиот парламент, Волфганг Соботка.

„Австрија никогаш нема да го поддржи тоа“, истакнува Соботка во интервјуто за австриската новинска агенција APА.

Посочува дека за Австрија е важно сите земји од западен Балкан не само што треба да имаат европска перспектива, туку и да им се покаже начинот на кој можат да влезат во ЕУ. Соботка притоа потсетува дека австрискиот канцелар Карл Нехамер јасно ставил до знаење дека нема да има брз пристапен процес за Украина.

За австрискиот предлог за пристапниот процес, Соботка вели дека тој е добар за земјите од западен Балкан. Според него, полноправното членство во ЕУ, според предложениот австриски модел, нема да биде тргнато од масата, туку, напротив.

„Процесот го водат земји кои сакаат да се приклучат. Ако ги исполнуваат сите услови, тогаш ќе бидат членки“, објаснува Соботка.

Истовремено го критикува актуелниот пристапен процес со 35 поглавја, во коишто, како посочува Соботка, „преговорите се водат на неодредено време без да им се покаже перспектива на граѓаните“. Покрај тоа, вели Соботка, австрискиот „нон-пејпер“ црпи поуки од претходните процеси на пристапување.

„Бугарија и Романија се приклучија по многу кус период и сакаа да решат повеќе прашања, како што е владеењето на правото. Не сакаме ваква ситуација по вторпат“, објаснува спикерот на австрискиот парламент.

Соботка нагласува дека на западен Балкан, на пример, Србија на полето на фактичката економска интеграција со земјите од ЕУ постигнала значително далеку отколку во однос на владеењето на правото. Според австрискиот предлог, додава тој, треба да биде можно, дури и пред да се исполнат предусловите, на пример во областа на владеењето на правото, да се спроведе официјална и легална економска интеграција.

„Нон-пејперот“, тврди тој, затоа е охрабрување за членките на ЕУ да не ги блокираат кандидатите на патот кон Унијата.

Тој оцени дека ветото на Бугарија за блокирање на Македонија е „неподносливо“ и дека го „нарушува угледот“ на ЕУ во регионот.

Австрискиот „нон-пејпер“ е добар за спречување на вакви блокади, оцени тој.