Собрани се вкупно 140.900 денари од годинашниот добротворен концерт на оперски арии и камерна музика, што се одржа на Светскиот ден против СИДА – 1 декември. Концертот го организираше „Заедно посилни“ – група за поддршка на луѓето кои живеат со ХИВ во Македонија.
Собраните средства од добротворниот концерт ќе бидат наменети за лицата со ХИВ кои живеат под линијата на сиромаштијата, како и за покривање на потребите за итна здравствена помош на сите лица кои живеат со ХИВ во Македонија.
„Благодарни сме им на сите хумани луѓе кои присуствуваа на добротворниот концерт и на тој начин помогнаа да се соберат финансиски средства кои ќе им овозможат на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија да можат полесно да ги остварат своите права на достоинствен, квалитетен и продуктивен живот“, изјави Андреј Сених, координатор на „Заедно посилни“.
Добротворниот концерт на првенците на операта и солистите од Македонската филхармонија беше централниот настан од годинашната национална кампања која тематски беше посветена на борбата против предрасудите кон луѓето кои живеат со ХИВ. Кампањата опфати и серија едукативни и информативни содржини, работилници и настани, меѓу кои и трибината „Позитивни разговори“, во која активно се вклучија и голем број истакнати јавни личности и уметници.
Oва е трета година во која, преку организација на добротворен концерт, се обезбедуваат средства за финансирање на потребите на лицата кои живеат со ХИВ во нашата земја. На добротворните концерти изминатите две години беа собрани вкупно 427.900 денари, од кои 225.000 денари се наменски искористени за обезбедување тестови за следење на ХИВ-инфекцијата, а 202.900 денари се искористени за помош на социјално загрозените лица со ХИВ.