Црвениот крст на РСМ на 08.02.2023 година одржа прес конференција во врска со катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија. Прес конференцијата беше отворена од страна на Генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ д-р Саит Саити и амбасадорот на Република Турција во Скопје г- дин Хасан Мехмет Секизќок.
Генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ д-р Саит Саити истакна дека на наше големо задоволство може со сигурност да кажеме дека граѓаните на Република Северна Македонија и овој пат ја покажуваат својата солидарност на дело. Заклучно со 07.02.2023 година преку донаторските телефонските линии се собрани вкупно 3.363.800 денари, а во Фондот на солидарност на Црвен крст на РСМ се уплатени вкупно 6.467.192 денари. Вкупно собрани се 9.830.992 денари. Исто така Црвениот крст на РСМ од своите стокови резерви издвои 1.000 семејни пакети со храна, 1.500 хигиенски пакети и 4.000 ќебиња.
Амбасадорот на Република Турција во Скопје г- дин Хасан Мехмет Секизќок изрази голема благодарност до сите граѓани на РСМ за несебичната хуманоста и солидарноста кои ја покажуваат.
Во координација со Амбасада на Република Турција во РСМ договорено е во наредниот период активностите да бидат насочени кон собирање хуманитарна помош во финансиски средства. Ги поддржуваме напорите и активностите кои се однесуваат на донирање на материјална помош од фирми и компании. Помалите донации и иницијативи на граѓаните добро е да се пренасочат во собирање финансиски средства, не во материјални добра бидејќи царинските ограничувања не овозможуваат дотур на таква хуманитарна помош. Со цел да бидеме поефикасни и подиректни и побрзи во помошта преферираме сите активности заедно да ги координираме и да ги насочиме во правец на мотивирање на граѓаните и населението да донираат парични средства. Собраните пари по завршување на кампањата ќе бидат префрлени на Турската Црвена полумесечина и Сириската Арапска Црвена полумесечина кои знаат како на најдобар начин може да се покријат хуманитарните потреби на своите граѓаните.