Собранието на денешната 84-та седница ги донесе измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година. Гласаа сите 66 присутни пратеници, без против и воздржани.
Законот е донесен по скратена постапка и со него ќе бидат опфатени лицата кои останале без работа како резултат на приватизација на компанијата која била во државна или доминантна државна сопственост до 31 декември 2013 година.
Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, со ова законско решение се очекува да се реши горлив проблем на околу 3.000 стечајци. Тие ќе бидат материјално обезбедени со месечен надомест од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година и плус здравствено осигурување. Лицата треба да имаат најмалку 25 години работен стаж, а во меѓувреме ако биле вработени, да не им е прекинат работниот однос по нивна вина или волја.
Пратениците на опозициската СДСМ ги поддржаа измените на Законот, но остро го критикуваа зашто сметаат дека се работи за предизборен чекор на владејачката партија и жалат што нема да важи за сите стечајци во државата и што проблемот се решава парцијално.
Mинистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов нагласи дека со законот во 2008 биле опфатени 3000 невработени граѓани кои останале без работа по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок, а со денешниот закон се менува законот од 2008 заради целосен опфат и дополнителни околу 3000 граѓани кои по тој основ останале без работа. На обвинувањата на СДСМ дека манипулира, тој истакна дека процедурата е прецизно дефинирана во законот.
„Петнаесет дена од стапување во сила од законот ќе се дефинира списокот на претпријатија во доминантна сопственост на државава. Триесет дена по стапување во сила на законот граѓаните коишто се невработени по основ на стечај, ликвидација и технолошки кои ги исполнуваат условите дефинирани во законот имаат право и можност да поднесат барање. Колку од нив ќе поднесат барање, таа претпоставка не може да се направи. Јасно се дефинирани условите во законот и никој никого не манипулира“, рече тој.